Ристовски: Дисперзираните студии не го намалуваат квалитетот на образованието

Не се согласувам дека некогаш сме се изјасниле дека во високото образование има шкарт дипломи, туку укажавме на фактот дека е потребно надградување на системот на високо образование, особено во делот на квалитетот во реализацијата на високото образование. Не сметаме дека дисперзираните студии го намалуваат квалитетот во високото образование и затоа не планираме да ги укинеме. Вака одговори заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на пратеничкото прашање на пратеничката Солза Грчева, дали Владата планира да ги укине дисперзираните студии како една од причините за намалениот квалитет во високото образование.

– Не би се согласил со констатацијата дека во последните денови излегла информација дека имаме шкарт дипломи во високото образование. Ние јасно укажавме на фактот дека по неколку години имплементација на голем број реформи во делот на високото образование констатирани се потреби од негово надградување, особено во делот на квалитетот во реализацијата на високото образование и секако издавањето  дипломи или завршувањето студии не само од прв, туку втор па и трет циклус, истакна заменик министерот Ристовски.

Во Република Македонија во последните неколку години, додаде тој, се појавуваат субјекти кои што успеваат да ги обезбедат сите потребни инфраструктурни услови за да реализираат високо образовна настава коишто се пропишани согласно Законот за високо образование.

– Меѓутоа, ако одиме едно скалило погоре треба да констатираме дека по неколку години имплементација се појавува потреба од дополнително вклучување односно дополнително реформирање на целиот процес и ние понудивме една опција, а тоа беше воспоставување на тн. државен испит којшто многу невешто се обидоа дел од вашите сопартијци да го прикажат како воспоставување систем на екстерно тестирање во високото образование. Не, тоа не е воопшто екстерно тестирање во високото образование. Станува збор за предлог со којшто ние понудивме државен испит по примерот на дел од земјите во централна Европа. Се одлучивме за еден од моделите кој е во фаза на јавно понудена идеја и расправа која што потоа ќе следи во предлог на закон којшто сите заеднички треба да го анализираме, појасни Ристовски.

Одлуката за една ваква реформа, според него, е резултат на искреноста и чесноста во намерата дека треба да се соочиме со реалноста, а тоа е, како што рече, дека кај дел од високообразовните установи во Македонија евидентно е дека на многу полесен начин дел од студентите доаѓаат до завршување на првиот циклус или додипломските студии, но и ситуации каде што за втор и трет циклус студии определени студенти преку ноќ добиваат диплома или соодветно звање.

– Токму тоа беше основната интенција заради која што ние јавно ја отворивме оваа дискусија и како ресорно Министерство и како Влада и кон која што тежнееме и не отстапуваме, додаде заменик министерот.

Според него, дисперзираните студии не се тие кои произведуваат неквалитет.

– Основната идеја на дисперзираните студии беше да се доближат восокообразовните установи од државните универзитети до граѓаните на РМ во нивните места на живеење со тоа што би се намалиле трошоците и за живот и за нивно престојување во главниот град, потенцира Ристовски.

Владата и Министерството, додаде, не размислуваат да ја укинат можноста за дисперзирани студии од причина што ние секоја година има квалитативна анализа на процесот и се утврдува дали во определен град или определени дисперзирани студии треба да се стават во мирување, треба да продолжат и дали треба да се зголеми бројот како квота за упис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.