Ристовски: Иран беше една добра лекција за нас

Македонскиот голман Борко Ристовски застана на голот во вторите 30 минути и успеа да одбрани неколку клучни шутеви на противникот.

Македонија потешко од очекувањата славеше над Иран со 33:31, а Ристовски вели дека овој натпревар треба да послужи како една добра лекција.

-Многу тежок меч, на кој не влеговме со сто процентни можности. Игравме против репрезентација која многу трчаше и бескомпромисно шутираше. Беше ова една добра лекција за нас, да научиме дека секој натпревар на Светското првенство мораме да го играме максимално сериозно, вели Ристовски.

Одбраната на Македонија имаше многу проблеми со бековите на Иран.

-Одбраната не беше многу сјајна, многу работи не беа сјајни, но сигурен сум дека ќе биде многу подобро на следниот меч, вели нашиот голман.

Следниот противник е Босна и Херцеговина, а натпреварот се игра утре во 17:00 часот.

-Мораме да го кренеме нивото на нашата игра, да играме како против Тунис. Важно е да останеме цврсто на земја, а доколку биде така, нема да има проблеми, вели Ристовски кој додава дека првичната цел е осминафиналето, а потоа победа во таа рунда и пласман во четвртфинале. „Министерот за одбрана“ вели дека ќе одат чекор по чекор, од натпревар до натпревар.