Ристовски: Ќе бидат ангажирани 74 дефектолози во основното и 57 во средното образование

Од први септември, вкупно 131 дефектолог ќе биде ангажиран во основните и средните училишта низ цела Македонија. Целта е јакнење на стручните служби.

За ова денес информираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Груевски објави дека со ова, се исполнува уште едно големо ветување дадено на граѓаните при неодамнешната посета на општина Кичево.

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, истакна дека во голем број на средбите со граѓани едно од најкрупните барања на голем број родители било ангажирање на дефектолози во основните и средните училишта од аспект за асистенција на учениците на кои им е неопходно поддршка од страна на дефектолог.

Врз основа на тоа, Министерството за образование и наука во изминатите неколку недели направи директни контакти со сите училишта во Македонија врз основа на податоците, односно бројот на ученици на кои им е потребна асистенција од дефектолог во било која форма се направи соодветна анализа која укажа дека има потреба од ангажирање на 74 дефектолози во основно образование и 57 во средно образование, вкупно 131, истакна Ристовски.

Во некои училишта има потреба од ангажирање на еден дефектолог, во некои од два, но има и такви каде ќе има потреба од тројца дефектолози.

Соодветно на потребите на основните и средните училишта, МОН ја изготви таа анализа и истата беше доставена до Владата и до Министерството за финансии, истата е одобрена и соодветно на тоа од 1 септември очекуваме ангажман на 131 дефектолог на територија на цела Македонија за да одговориме на потребите на учениците, на родителите и секако на самите училишта. Истовремено, ќе го следиме овој процес за во иднина и доколку се појави потреба од ангажирање на дополнителни дефектолози, МОН ќе излезе во пресрет на барањата на граѓаните, додаде Ристовски.

Одлуката, донесена минатата недела на редовна владина седница, важи за сите училишта кои го известиле Министерството за образование и наука дека имаат потреба од ваков кадар, заради тоа што имаат одреден број ученици со извесни посебни образовни потреби на кои им е неопходна соодветна стручна помош и поддршка во насока на правилен развој и тек на образование.

Изборот на дефектолози ќе се реализира на транспарентен начин, односно по пат на јавни конкурси за вработување, кои ќе бидат етапно објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман.

МОН, како што информираше Ристовски, веќе започна со дистрибуција на согласностите до училиштата, а со оглед на тоа дека училиштата се децентрализирани, целокупната постапка за ангажирање ќе треба да ја реализира соодветната општина.