Македонија

Ристовски на увид во изградбата на новото училиште „Невена Георгиева – Дуња“

Ристовски на увид во изградбата на новото училиште „Невена Георгиева – Дуња“
Ристовски на увид во изградбата на новото училиште „Невена Георгиева - Дуња“

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска извршија увид во градежните активности за изградба на новиот објект на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“.

Камен темелникот беше поставен на 1 септември, а градежните активности се одвиваат со одлична динамика. Речиси 40 % од крупните градежни активности се во завршна фаза. Училиштето се гради со средства од Министерството за образование и наука во износ од 75 милиони денари.

uciliste5

-Доколку послужат временските прилики, очекувам во наредниот период да се продолжи да се работи со зголемен интензитет и при крајот на 2016 година училиштето комплетно да биде завршено. Предвидено е во рамките на училиштето да има 15 училници и пет кабинети со што очекуваме  комплетно да го задоволиме капацитетот на ученици кои гравитираат тука. Во моментов има околу 500 ученици, но уверен сум  дека по изградбата на новиот објект на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ нивниот број ќе се зголеми, рече Ристовски.

ucilicte

Министерот нагласи дека Министерството за образование и наука и во наредниот период ќе продолжи со инвестициски активности за изградба и реконструкција на училишни објекти насекаде низ Македонија.

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ посочи дека изградбата на новиот училиштен објект е на барање на граѓаните од овој дел на општината и додаде дека реализацијата на проектот била ветена за време на локалните и на парламентарните избори.

uciliste3

– Општина Кисела Вода паралелно со завршувањето на училишниот објект ќе се обиде да ја реконструира и постоечката училишна спортска сала. Веќе нарачавме проект за нејзина реконструкција и од сопствени средства во летниот период ќе се обидеме да ја обновиме и да направиме соодветен пристап до новиот училишен објект, рече Беличанец-Алексиќ.

Исто така во моментов во тек е реконструкцијата и на основното училиште „Круме Кепески“ каде се одвиваат градежни активности за подобрување на енергетската ефикасност. Во соработка со УНДП се менува покривот со површина од 1.800 метри квадратни, со средства од Цементарница УСЈЕ се реконструира фасадата со површина од 1.700 метри квадратни, а со средства на општина Кисела Вода се менуваат 118 прозорци.