Ристовски: Никој нема право да го менува името на нашата татковина

Првиот голман на македонската ракометна репрезентација, Борко Ристовски преку својот Фејсбук профил повика на семакедонско национално единство во однос на потпишувањето на Договорот со Грција за промена на името.

Тој вели дека никој нема право да го менува името на татковината.

– Говорам од културно-историски, но и од национален аспект, кога велам дека никој, ама буквално НИКОЈ нема право да го менува името на нашата татковина Македонија! Токму затоа, јас, Борко Ристовски, долгогодишен македонски интернационалец, но и горд бранител на репрезентативните ракометни бои на Македонија, бојовник на спортските полиња ширум светот во светиот македонски дрец – го кревам својот глас и апелирам за семакедонско национално единство во однос на ова прашање, кое при мајка може да не остави сираци, напиша Ристовски.

Тој им даде поддршка на навивачките групи, но и на сите граѓани кои во изминатиот период протестираа за зачувување на името.

-Сакам да изразам сесрдна и недвосмислена поддршка за сите оние навивачки групи, но и кон целиот македонски народ и кон останати народности во нашата држава што периодов излегоа на масовни протести, со цел зачувување на нашето единствено, исконско и неменливо име МАКЕДОНИЈА!, вели Ристовски.

Потенцира дека народ и држава што не си ја знае историјата не може да ја определува иднината на своите сонародници и наследници.

-Без разлика на која националност, религиска или политичка припадност припаѓа, апелирам до секого, а во името на нашите предци и на нашите идни поколенија, доколку има барем малку човечко достоинство, да застане во одбрана на својот македонски народ и на својата долговековна историја! Народ и држава што не си ја знае својата историја не може да ја определува иднината на своите сонародници и на своите наследници, напиша Ристовски на Фејсбук.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.