Ристовски: Образованието е клучен ресурс од кој зависи севкупниот напредок на државата

Работно лето за Министерството за образование и наука. Интензивни се активностите за изградби и реконструкции на училишни објекти и спортски сали, реконструкции на студентските домови, изградба на факултетски згради…Во тек е имплементација на најголемата реформа во основното образование – воведување на Кембриџ наставните програми и учебници. Се реформира и средното стручно образование. За тековните работи, но и идните планови за подигнување на квалитетот на македонскиот образовен систем, Пресс 24 разговара со заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Неколку години сте дел од раководните структури во ресорот образование. Дали можеме да направиме една паралела на образованието сега и пред мандатот на владата во која членувате?

За да направите компарација на националниот образовен систем денес и пред една деценија, потребно е да постоела идентична стратешка определба на владините гарнитури до тогаш, тогаш и сега. За жал, тоа е невозможно. Затоа што во некои други времиња, особено во периодот на транзицијата образованието беше целосно занемарено. Говориме за период во кој не се градеа нови училишта и спортски сали, немаше бесплатни учебници и современа литература, бесплатен превоз, информатичка технологија, поддршка во делот на иновациите и претприемничкото учење, достапност на високото образование… Денес, работите се многу поразлични. Развојот на оваа област е нотиран како суштински приоритет, затоа што свесни сме дека не постои друг ресурс од кој повеќе зависи севкупниот напредок на државата. Затоа и во изминатите 10 години го зголемивме буџетот наменет за образование за повеќе од 72 проценти. И тоа се средства кои подеднакво се вложуваат во сите негови сфери и сегменти. Тоа вродува со плод, но потребно е уште труд и време. Од денешен аспект, ценам дека македонскиот образовен систем е прилично добар и солидно напредува следејќи ги глобалните образовни трендови, текови и параметри, со кои ја добива потребната конкурентност и квалитет.

Што сметате дека недостасува во нашето образование и треба да се промени?

Еден од параметрите на успешноста на образовниот систем е колку всушност кадрите кои произлегуваат од образовните установи, независно дали средни училишта или факултети, се подготвени веднаш да бидат вклучени во работните процеси. Односно, дали потенцијалната работна сила има стекнато квалитетни вештини за работа, со што оние кои би ги ангажирале не би имале дополнителни трошоци за обуки и подготовки. А за квалитетни вештини, на учениците и на студентите им е потребна пракса. Затоа се трудиме таа да биде реална, наместо фиктивно застапена во едукативниот процес. Фокусирани сме на поврзување на образовниот со бизнис секторот, преку бројни стимулативни проекти. Еве, би ја издвоил грант програмата преку која финансираме проекти на средните стручни училишта, кои ги изработуваат во партнерство со компании, а се во насока на унапредување на практичната настава за учениците, било да е тоа отворање на реална училишна компанија, или организирање пракса директно во работните и производните процеси на компаниите, или пак, организирање на кампови за развој на практични вештини во самите училишта и слично. Додека во високото образование, би го издвоил проектот преку кој набавивме 80 лаборатории за потребите на универзитетите, претежно технички факултети, во кои студентите во добар дел реализираат пракса, експериментираат, истражуваат…Тоа ја развива нивната способност и самодоверба за работа. Секако, автономноста на високо образовните установи им дозволува самите да обезбедат и бројни дополнителни можности како поддршка за своите студенти во тој дел.

Споменавте поддршка на стручното образование, како најпотребно во моментов. Најавивте и процес на реформа на наставните планови и програми во средните стручни училишта. До каде е целата работа?

Факт е дека владините политики за вработување се ефективни. Отвораат нови работни места, кои најчесто има потреба да бидат пополнети со кадар кој има стручна спрема. Во таа насока е и популаризацијата на техничките науки и модернизација на стручното  образование. Тоа е една од активностите за синхронизација на образовниот систем со потребите на пазарот на трудот. Стручното образование добива на квалитет, но сепак реформирањето е процес кој од аспект на финализација е среднорочен и се реализира во неколку фази. Имено, во соработка со институциите на Европската унија во изминатите 2 години реформиравме голем дел, поточно до овој момент 111 наставни планови и програми во двегодишното и тригодишното средно стручно образование, каде е имплементирано најдоброто искуство од развиените европски образовни системи. Процесот е во тек и бројот на модернизирани наставни планови и програми ќе се зголеми дополнително. Во меѓувреме на почетокот на годинава, со поддршка на Светската банка започнавме и со активности за реформирање на четиригодишното средно стручно образование, со кое се опфатени речиси 90% од учениците кои одбрале стручни училишта. Меѓународен експертски конзорциум по неколку месечна интензивна работа изготви структурна анализа, за тоа што треба да се направи во насока на негово унапредување. Оваа анализа точно ги детектира областите и промените кои треба да се случат, од типот на модуларизација на образованието, набавка на нови учебници, опремување на училиштата со лаборатории, дополнителна пракса и слично. Конзорциумот изготви и концепција за унапредување на овој тип на образование, со план на конкретни активности и истата е во моментов кај нас на првично разгледување, со вклученост на сите засегнати страни, Бирото за развој на образованието, Министерството за труд и социјална политика, стопанските комори… Потоа ќе следи јавна расправа, па нејзино усвојување и спроведување, односно интегрирање на промените во училиштата.

Можеме ли да ги сумираме инвестициите во образовната инфраструктура од 2006 година до сега?

Речиси 120 милиони евра во изминативе години се вложени во унапредувањето и модернизацијата на образовната инфраструктура во државата. Се изградија 74 нови училишни објекти, повеќе од 400-тини се реконструираа. Имаме 55 нови училишни спортски сали до овој момент. Се вложи и во унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард во делот на сместување во државните домови, преку изградба на нови капацитети и санација на постојните. За дел од високо образовните установи се обезбедија соодветни просторни услови и опрема, меѓу што ја вбројувам и набавката на современите лаборатории. Многу активности се спроведуваат и во моментов. Имено, во тек е изградбата на 2 нови училишта кои ќе бидат готови до крајот на годинава, до кога треба да започнат да се градат уште 6 други. Се реконструираат 20тина училишта како трета фаза од планот за реконструкција на вкупно 60 годинава. Имаме активности на терен за изградба на 8 нови спортски сали, а уште 6 ќе започнат да се градат до почеток на 2017. Се реконструира најголемиот студентски дом во државата, “Гоце Делчев“, каде во тек е втората фаза која предвидува целосна обнова на блокот А. Додека, во тек е и постапка за набавка на нов мебел за сите државни студентски домови. Најважно е што во процедура е и изборот на компании за изградба на два од вкупно предвидените 3 нови студентски домови во земјата, а се градат два капитални објекти за потребите на факултетите за физичко образование, спорт и здравје, и за информатички науки и компјутерски инженеринг. Во суштина, можам да кажам дека унапредувањето на условите за образование е еден од нашите врвни приоритети, така што, години наназад имаме една градежна експанзија, која едноставно, го замени пасивизмот и индиферентноста во тој дел, што постоеше до 2006 година.

Ќе има ли и годинава бесплатни учебници за основците и средношколците?

Концептот на задолжително и бесплатно образование за македонските граѓани до 18 годишна возраст го воведе владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ пред 7 години. Период во кој инвестиравме повеќе од 40 милиони евра кои, всушност се износ што македонските семејства во кои има или имало ученици ги заштедиле по основ на набавка на учебници. Оваа мерка ќе продолжи и од септември, осма година по ред. Согласно проценките, ќе инвестираме околу 11 милиони евра, за обнова на фондот на учебници кои во изминатата година се оштетиле и повеќе не можат да се применуваат, а за прв пат ќе се набават целосно нови учебници за седмо, осмо и деветто одделение по математика и предметите од групата природни науки – хемија, физика и биологија, кои се одобрени од најголемиот светски снабдувач со квалитетни учебници при универзитетот Кембриџ. Така што, родителите и понатаму ќе имаат една грижа помалку од финансиски аспект кога е во прашање образованието на нивните деца.

Одлучивте екстерното тестирање да продолжи да се спроведува и понатаму…Сепак, со неколку крупни измени. Се изземаат учениците од четврто и петто одделение, оценките нема да се впишуваат во свидетелствата, прашањата ќе ги составуваат експерти избрани на јавни огласи…На што се должат овие одлуки?

Ако прашувате зошто одлучивме екстерното тестирање да продолжи да се спроведува и да биде задолжително за сите ученици, би потенцирал дека во ниеден момент како министерство и влада не сме размислувале да го укинеме. Затоа што, со овој процес ставивме крај на злоупотребата и би рекол силувањето на системот на образование од страна на општествените, пред сé политичките моќници, кои преку притисоци и закани кон наставниците и директорите на училишта особено во периодот на транзицијата обезбедуваа незаслужени оценки за своите деца, свесно или несвесно осакатувајќи ги на тој начин. Ставивме крај на едно големо зло, крај на уништувањето многу генерации и почнавме да градиме општество базирано на знаење. Екстерното го постигнува очекуваниот ефект и затоа мора да биде дел од образовниот систем…Околу измените кои одлучивме да ги направиме и ќе важат од следната година, всушност се најчестите конструктивни сугестии и забелешки кои ги добивавме изминатиот период од 4 години откако е воведен овој механизам за подигнување на објективноста на оценувањето, од сите засегнати страни – учениците, наставниците, менаџментите на училишта и воопшто граѓани кои изразија интерес и желба да се вклучат во неговото унапредување. Измени ќе има, но суштината на процесот останува непроменета.

Да поразговараме малку и на тема високо образование…Најавивте и отворање на два нови државни универзитети. Кога ќе започнат со работа и кои се очекувањата од нив?

Ако сте доволно свесни дека образованието е главниот столб на општествениот напредок, тогаш морате оваа сфера да ја направите колку што е можно повеќе достапна за сите граѓани, но и да понудите различни можности. Основното и средното образование кај нас се веќе задолжителни и бесплатни. Но, секој кој има интерес и желба, независно од финансиите со кои располага, треба да добие шанса да се запише на факултет во областа со која сака да се занимава и да стекне факултетска диплома. Секако, понатаму остварувањето на оваа цел зависи исклучиво од поединецот, од неговиот личен ангажман и труд. Ние многу се заложивме во овој дел. Отворивме 2 нови универзитети, 25 факултети, дисперзирани студии, ја намаливме и унифициравме партиципацијата за упис, воведовме проект за опфат на повозрасните граѓани кои сакаат да студираат под одредени финансиски поволности…Новите државни универзитети значат само надополнување на оваа наша политика за повеќе можности и за поголема достапност на високото образование, од една страна и зголемување на конкуренцијата помеѓу постојните високо образовни установи, од друга страна. Знаете, конкуренцијата во било која област носи исклучиво квалитет. Тоа се нашите очекувања. Квалитет. Инаку, треба да се има во предвид дека основањето на универзитет е прилично комплексна работа и бара многу ангажман и внимателно конципирање. Штом работите ќе бидат целосно заокружени и ќе бидеме сигурни дека “Дамјан Груев“ и “Мајка Тереза“ може да започнат со работа, ќе бидат распишани јавни конкурси.

Дисперзираните студии ги воведовте во 2008 година. Како од денешна дистанца ја оценувате исправноста на одлуката и колку се тие ефективни?

Дисперзираните студии кои функционираат веќе 7 години по ред, се одлична можност за младите луѓе наместо да се преселуваат или патуваат секојдневно, да студираат во своите родни места или пак, во нивна близина. Тоа е добро за економски развој и за задржување на постојните демографски карактеристики на помалите и рурални средини. Годишно на овие студии, кои по квалитет се идентични со оние од кои се изведени, се запишуваат околу 2500 студенти, што во просек е 15 проценти од вкупниот број на запишани студенти во една генерација. Тоа е одлична бројка, интересот е висок. Така што и понатаму, оваа мрежа на студиски дисперзии низ државата ќе постои и секако, зависно од потребата ќе се модификува.

Често учениците и студентите се тие кои користат одредени бенефиции, стипендии, намалени партиципации, бесплатни патувања, автобуски превоз и така натаму…Но, што е со наставниците, како да се стимулира нивниот труд?

Наставниците се најважната алка во системот на образование. Можете да ги имате најквалитетните наставни програми, учебници и наставни помагала, најдобрата информатичка технологија, модерни училници…Но, доколку наставникот не го пренесе знаењето соодветно, разбирливо и на начин да биде лесно запамтливо, тогаш се доведени во прашање добриот резултат и постигањата на ученикот. Затоа, во изминатиот период спроведовме еден сет мерки со кои значително го подигнавме дигнитетот и важноста на професијата наставник во општеството, а со цел, преку подигнување на степенот на лична сатисфакција, да се подигне и квалитетот на нивната работа. Најгорливиот проблем за оваа категорија, беше несигурноста на работните места. Во 2006 година затекнавме многу наставници кои со години биле ангажирани со договори на определено време. Наставници кои биле угнетувани, заплашувани и на некој начин слуги на политичките елити, само за да ги задржат предметите и часовите кои ги предаваат. Ние најпрво во 2009, а потоа и со измена во 2011 година, создадовме законски основ, според кој секој еден наставник кој има најмалку 2 години стаж да може да го трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време. Дополнително, на почетокот на 2015 година на предлог на Министерството за финансии беше усвоен и Законот за трансформација на работниот однос. Ова го искористија повеќе од 9.000 вработени во областа на образованието. Во најголем дел наставен кадар, кај кој се зголеми нивото на задоволство од работењето, се обезбеди економска стабилност и сигурен прилив во семејниот буџет. Во меѓувреме обезбедивме и постојан раст на нивните плати. За период од 10 години, најниската плата се зголеми за 119 проценти, а највисоката за 67. Обуките за примена на интерактивни методи во наставата, за примена на дидактички средства и информатичка технологија и така натаму, зачестија и во нив се вклучија сите просветни работници. Последната мерка која ја понудивме и е на располагање, во интерес на нивниот професионален и кариерен напредок е можноста да добијат целосна стипендија доколку се запишат на постдипломски студии на некој од најдобрите 200 светски универзитети од областа на образованието кои се наоѓаат на шангајската листа и притоа, нивното работно место за време на студиите им останува загарантирано. Се работи за стипендија која зависно од земјата и факултетот каде наставникот е примен да се надградува, достигнуваат и до 40.000 долари на годишно ниво. Ова го нема никаде во околните земји, а и пошироко. Така што, ги повикувам сите заинтересирани да ја искористат можноста и секако, потоа стекнатото знаење несебично да го применат во нашата земја и образовен систем. Конкурсот трае до 1 септември годинава.

Некоја новина во наставата од септември, освен воведувањето на британските учебници од седмо до деветто одделение и измените во екстерното тестирање?

Би го издвоил воведувањето на предметот работа со компјутер и основи на програмирање како задолжителен во четврто одделение. Минатата година од факултативен стана задолжителен за трето одделенците, што значи годинава обезбедуваме еден континуитет во ИТ едукацијата, односно во надградувањето на ученичките информатичко комуникациски вештини. Ова е важно и го потенцирам, затоа што во ера на информатичката технологија морате нешто да преземете, со цел учениците уште од најрана возраст да знаат добро да работат на компјутер, да имаат основни познавања на одредени компјутерски програми. Се работи за предмет кој е веќе добро прифатен и материјата е интересна и лесно совладлива за учениците. Се разбира, тука повторно наставниците играат клучна улога, а нив ги имаме преку 1.500 добро обучени за имплементирање на оваа реформа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.