Ристовски: Очекуваме продуктивна, а не деструктивна дебата

Одредени структури во државата не го ни дочекаа текстот на законот за државен испит пред да се произнесат. Се донесоа бројни заклучоци како резултат на шпекулации. Ние очекуваме продуктивна, а не деструктивна дебата.

Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, во своето гостување на дневникот на МРТ.

Тој уште еднаш потсети дека целта на државниот испит е високото образование да добие квалитет на сите нивоа и дека тие очекуваат конструктивна дебата на оваа тема.

-Слушаме деструктивно и контрапродуктивно НЕ. Нас ни се потребни аргументи. Ние се осмеливме да понудиме дефиниран предлог по пример на голем број земји во Европа. Понудивме предлог да воведеме зголемен квалитет. Да се пристапува регресивно, за нас не е конструктивна дебата, рече Ристовски.

Заменик-министерот вели дека ним им се познати барањата на студентите и истите ги анализирале.

Главниот аргумент на студентите е дека се нарушува автономијата на универзитетот. Ристовски уште еднаш, јаснио и недвосмислено посочи дека автономијата воопшто не се нарушува.

-Ние никогаш не спомнавме дека сакаме да ја нарушиме автономијата. Стравот кај професорите не го разбирам, она што сакаме да го спроведеме е од нивни интерес. Професорите ќе ги изготвуваат прашањата, јавниот базен од прашања. Студентите ќе ги знаат и ќе се подготват. Оние што учеле многу лесно ќе го совладаат државниот испит. Нашата основна замисла е заедно со универзитетите да продуцираме заедничко решение. Има делумно политички влијанија за ситно политички поени, рече Ристовски.

Тој во дневникот на МРТ говореше и за реформите на педагошките факултети. Изминативе години јавна тајна беше дека ученици со послаб просек се запишуваат на Педагошки факултети. Сите слушавме коментари за квалитетот на наставниците.

Сега, рече Ристовски, со крупна реформа комплетно ќе пристапиме на решение.

Средношколец со просек помал од 4,0 нема воопшто да може да аплицира за упис на Педагошки факултет. Во текот на студиите треба да има минимум 8 просек и положени 80 отсто од испитите. Само на овој начин, најквалитетните ученици ќе станат утре наставници за нашите деца.