Македонија,Политика

Ристовски: Продолжуваме да го унапредиме квалитетот и инфраструктурата во обраозванието

Ристовски: Продолжуваме да го унапредиме квалитетот и инфраструктурата во обраозванието

Во изминатите години Владата на Република Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ ја трасираше насоката кон остварување на јасно дефинираните цели – инвестирање во образованието, иновациите и информатичката технологија, како клучни елементи за креирање на општество базирано на знаење.

„Нешто што и во следниот период ќе биде еден од нашите стратешки приоритети, содржани во новата развојна програма со која настапуваме пред граѓаните, а во која се содржани 2046 реални, остварливи и мерливи проекти, со прецизно наведени цели и рокови за реализација.На 20-тина програмски страници се претставени 47 внимателно избрани образовни проекти, кои концепциски го надградуваат веќе сработеното во претходниот мандат и кои имаат капацитет да го одржат македонскиот образовен систем конкурентен и во чекор со современите светски образовни трендови“, рече Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Се работи за проекти, како што рече тој, со кои ќе продолжиме подеднакво да ги унапредуваме квалитетот на наставата и инфраструктурата во основното, средното, високото образование и науката, вклучително и спортот преку еден координиран пристап на неколку институции на системот.

„Во оваа прилика би потенцирал неколку од нив, како позначајни и суштински за образовниот сегмент на којшто се однесуваат. Во претстојните 4 години, ќе следи една од најкрупните образовни реформи досега во делот на основното образование, а тоа е имплементација на Кембриџ наставните програми по математика и природни науки. Инвестиција вредна 750 милиони денари, со која основците добиваат можност да учат по истите наставни програми и од истите учебници како и учениците од Велика Британија, адаптирани на нашите национални особености. Важно е да се напомене дека согласно концептот за бесплатно образование којшто оваа Влада го имплементира веќе 5 години, родителите ќе немаат грижа околу набавката на постојните, но и на новите учебници, затоа што тие и понатаму ќе бидат обврска на државата“, рече Ристовски на крајот.

Политиките за развој на средното образование ќе бидат приоритетно насочени кон реформирање, односно осовременување на средното стручно образование, преку воведувањето на нови наставни планови и програми, како и опремување на средните стручни училишта со современи лаборатории, за што ќе бидат инвестирани 130 милиони денари. Учениците ќе стекнуваат квалитетни, современи и практично применливи знаења за задоволување на реалните стопански потреби.

Како специјализирано средно стручно училиште за спорт ќе продолжи да функционира и Спортската академија, којашто освен во Скопје, ќе добие  дисперзирани  паралелки во 7 други општини – Велес, Гостивар, Охрид, Штип, Прилеп, Струмица и Битола, со што се проширува селекцијата на најдобрите млади таленти во фудбал, кошарка, ракомет и тенис кои преку посебно обликуван образовен процес со посебен акцент и поголема застапеност на практичниот дел – тренингот, од рана возраст се подготвуваат да бидат членови на спортските клубови и националните спортски селекции.

Во следниот мандат, Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ ќе имплементира и еден многу значаен проект кој ќе овозможи посовремен и поактивен пристап во совладувањето на наставата во основните и средните училишта. Се работи за набавка на нови 300.000 таблет компјутери, како и продолжување на набавката на интерактивни табли, со што, следејќи ги технолошките достигнувања, современата информатичка технологија и натаму ќе биде дел од наставните процеси во земјата.

Во делот на високото образование, посебно значаен е проектот за   реформирање на Педагошките факултети, од каде што произлегува наставниот кадар во основните и средните училишта. Ќе следи зајакнување на критериумите за упис и селекција на најдобрите студенти, подобрување на студиската програма, воведување на Академија на наставници, како и имплементација на систем на кариера кај наставниците.

Студентите и натаму ќе го имаат третманот на идна движечка сила за развој на земјата, на која и натаму ќе и се обезбедува современа литература од која се учи на најдобрите и најреномираните светски универзитети, како и можностите за стипендирање на студиите на овие универзитети, а се разбира и на универзитетите во земјата.

Со основањето и започнувањето со работа на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ќе има почетен буџет од 600 милиони денари, науката во Република Македонија во следните 4 години ќе добие друга димензија. Високо образовните установи и компаниите ќе имаат можност за развој, промоција и комерцијализација на иновации, преку пристапност до кофинансирани грантови за start-up, спин-оф компании и иновации, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации и за трансфер на технологии, како и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.

Паралелно со сите овие активности ќе продолжи и унапредувањето на образовната инфраструктура, затоа што програмата на ВМРО – ДПМНЕ предвидува 200 градежни активности за изградби, реконструкции и делумни санации на основни и средни училишта, активности за унапредување на инфраструктурните услови на високо образовните установи, при што од посебно значење ќе биде изградбата на нови објекти за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура во Скопје. Реконструкцијата на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје ќе започне веднаш по завршувањето на изборниот процес, ќе се одвива етапно и ќе заврши во 2016 година. Во текот на летниот период во употреба ќе бидат пуштени и новите сместувачки капацитети на студентскиот дом Стив Наумов во Скопје.

Предвидена е и изградба на 60 училишни спортски сали заклучно со 2018 година.

Ова се само дел од проектите со кои сме на сигурен пат кон градење на еден современ и конкурентен образовен систем, кон градењето на Македонија како земја на знаење. Ова е опцијата “проверено“, опцијата за напредок и развој! Апелирам до граѓаните, внимателно да ја прочитаат програмата, бидејќи на 27 април, тие се на потег!