Ристовски: Се повеќе се потврдува дека протестите на студентите се политички мотивирани

Единствената цел на идејата за воведување на државен испит во високото образование е зголемување на вкупниот квалитет во високото образование. Фактот што протестите добиваат извесна поддршка од поединци и фејсбук групи од други држави не значи дека по дефолт тие се во право, истакна заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, по денешното обраќање на обуката за млади претприемачи која ја организираше УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Ристовски додаде дека не е коректно се уште да се говори за екстерно тестирање, кога јасно е ставено до знаење дека станува збор за државен испит.

– Целата оваа меѓународна поддршка за студентскиот пленум очигледно е дека во недостаток на внатрешен интерен кредибилтет тие сега посегнуваат по меѓународна поддршка од меѓународни организации, заради тоа што се повеќе и повеќе изминативе неколку денови бевме сведоци и се уште сме севедоци дека овој најавен протест очигледно се повеќе се потврдуваа дека е политички мотивиран и дека целокупната структура на дел од политичките субјекти на Р.Македонија се вклучува во обезбедување на што поголем масовен протест заради извесно стекнување на политички поени, рече тој.

Тој посочи дека Владата своите решенија ги носи врз основа на длабоки анализи, и истото важи и за предлогот за воведување на државен испит.

– Текстот на законот се уште не е дојден во владина процедура, во следните неколку денови се очекува Владата да го разгледа и усвои нацрт-текстот на закон врз основа на кој потоа ќе има долга јавна дебата на којашто сите квалитетни решенија и сугестија кои би биле понудени логично е како ресорно министерство и Влада да ги прифатиме и да го донесеме најквалитетното решение, коешто, повторувам,  треба да обезбеди зголемување на вкупниот квалитет во високото образование, потенцираше Ристовски.