Македонија

Ристовски: Сите можеме да се гордееме што сме наследници на Св. Климент Охридски

Ристовски: Сите можеме да се гордееме што сме наследници на Св. Климент Охридски
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на свечената академија по повод патрониот празник на Педагошкиот факултет во Скопје. Во своето обраќање Ристовски истакна дека факултетот што го носи името на „Св. Климент Охридски “  е храм од кој излегуваат учителите кои имаат мисија исто како и нивниот патрон, да им го пренесат своето знаење на децата, да им ги откријат тајните содржани во книгите и од нив изградат личности со кои сите се гордееме и ќе се гордееме.
Потсети на делото на просветителот, на тоа дека е основач на првиот Словенски универзитет во кој биле описменети 3.500 ученици  кои ги изучувале богословските науки, класичните јазици, филозофија, реторика, музика, медицина,и  кои ја ширеле писменоста меѓу сите словенски народи. Додаде дека покрај тоа што пишувал и преведувал, Св. Климент   бил посветен на работата на универзитетот, затоа што знаел дека најсигурен напредок обезбедува просветата.
„Сите ние имаме чест и можеме да се гордееме што сме наследници на еден од осоновоположниците на македонската писменост, историја, култура и традиција. Но во исто време, тоа значи и голема обврска и задача која треба да ја исполниме, а тоа е да го чуваме неговото дело и да им го пренесеме на нашите поколенија, исто како што Климент, го пренесувал делото на своите учители Светите Кирил и Методиј. Тоа е и ќе биде нашиот завет кон сите сегашни и идни генерации“, рече Ристовски.
По повод патрониот празник на Педагошкиот Факултет, на најдобрите студенти во академската 2012/13 година, им беа доделени награди.