Ристовски: Темелна реконструкција на 30 училишта (видео)

Со техничките факултети полесно до работа
Со техничките факултети полесно до работа

Учениците од 30 основни и средни училишта во петнаесет  општини во земјава, први септември ќе го дочекаат во комплетно санирани училишни објекти. И годинава, летниот распуст ќе го обележат интензивни активности за подобрување на училишната инфраструктура.

Како што информира заменик Министерот за образование Спиро Ристовски за Канал 5, веќе од денеска во седум училишни објекти, за седум различни општини се врши воведување во работа на компанијата која што ќе треба да изврши реконструкција и санација на училишните објекти.

– Истовремено од пред два дена е распишан и тендерот за реконструкција на дополнителни 23 училишта со што де факто во текот на летниот период очекуваме околу 30-тина училишни објекти во различни општини на територијата на Република Македонија да бидат темелно реконструирани, рече Ристовски.

Реконструкцијата и санацијата на училиштата се одвива во рамки на проектот со Банката за развој на Советот на Европа која  за оваа намена одвои околу три милиони евра.

– Досега без овие 30, реконструрани се 350 училишни објекти, со што за некаде над 140.000 ученици се подобрени инфраструктурните услови, односно се подобрени условите во училиштата, а истовремено се изградени 70 нови училишни објекти и досега се инвестирани повеќе од 2, 5 милијарди денари во подобрување на училишната инфраструктура, рече заменик – министерот.

Ристовски најави дека инвестирањата ќе продолжат и во иднина зашто од деведесеттите до 2006-тата, во оваа сфера, не било направено речиси ништо.