Ристовски во посета на Ветеринарниот факултет во Битола

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски во придружба ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, Сашо Коруновски, го посети Ветеринарниот факултет во кој е поставена лабораторија за генетика – проект на Владата на Република Македонија, пренесе МИА.

За време на престојот во Битола, Ристовски беше информиран дека лабораторијата за генетика е доопремена со потребната опрема и комплетна, тимот од лабораторијата ќе се обучува во Институт за хигиена и контрола на месо во Белград, со што може да почнат активностите за акредитација на лабораторијата.

Оваа лабораторија е значајна за Универзитетот „Св.Климент Охридски“, за градот Битола но и за цела држава бидејќи освен за научни цели, лабораторијата ќе биде во целосна функција и на стопанството во Македонија. Во оваа лабораторија ќе се вршат испитувања за потребите на стопанството во делот на генетски модифицираната храна и храна од животинско потекло, а ќе ја користат и државните институции, пред се Царината и Агенцијата за храна и ветеринарство кои во делот на увозот на храна во Македонија, претходно ќе го проверуваат квалитетот на увезената храна и од лабораторијата ќе добиваат квалитативна потврда за храната што ќе треба да се увезе. На овој начин лабораторијата ќе има комерцијален бенефит, а граѓаните ќе бидат сигурни за квалитетот на храната што се увезува во Македонија, истакна Ристовски.

На денешната средба со новинарите во Битола, заменик министерот Ристовски потсети на можноста што ја дава МОН за субвенционирање на научни и творечки трудови објавени во меѓународни списанија со импакт фактор.

МОН ги објави конкурсите за научни и творечки субвенции. Огласот за творечки субвенции е отворен до 31 декември, а огласот за научни субвенции ќе биде отворен до август следната година. Апелирам до сите научни работници во Република Македонија кои работаат на свои трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание или импакт фактор да аплицираат за добивање на субвенција во висина од 500 евра. Досега како МОН доделивме повеќе од 800 субвенции за научни и творечки трудови објавени во меѓународни списанија со импакт фактор, нагласи Ристовски.

Според ректорот на битолскиот Универзитет Сашо Коруновски, интерес за вложување во вакви лаборатории покажале и европски центри, а со цел зголемување на услугите што може да ги дава лабораторијата за генетика на Ветеринарниот факултет во Битола.