Ристовски: Владата ја следи состојбата со греењето во училиштата

Владата ја следи состојбата со греењето во училиштата и дополнително ќе интервенира доколку има потреба.

Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски одговарајќи на новинарски прашања за прекинот на наставата во училишта во Кичево и Струга, по посетата на основното училиште „Круме Кепески“ во општина Кисела Вода.

Ристовски рече дека очекува сериозен план од градоначалниците за надминување на проблемот.

– Свесни и одговорни сме како Министерство и како Влада. Нема да ја оставиме ситуацијата во комплетна незаинтересираност, но истовремено ние мораме да добиеме план од градоначалниците во која форма и на кој начин планираат да го санираат целиот овој процес. Тоа е состојба што очигледно се продуцира од погрешно или неправилно менаџирање на дел од состојбите на овие две општини, изјави Ристовски и појасни дека МОН секоја година доставува редовни блок дотации до општините.

– Како и до сите општини, така и до овие две МОН редовно си ги реализира овие обврски и редовно си ги исплаќа дотациите. Во суштина менаџирањето на општината, трошоците и начинот на реализација на обврските се дел од одговорностите на локалната самоуправа, подвлече Ристовски.

Централната власт, според него, нема надлежност да бара директна одговорност од градоначалниците.

– Ние можеме она што е наша надлежност да го спроведеме, односно комисии да направат контрола на начинот на кој биле трошени или употребувани срелствата од дотациите, но сепак тоа се локални менаџери, директори на училишта и градоначалник избран на непосредни избори, рече Ристовски.