Ристовски: Владата со крупни проекти во училиштата и домовите

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски во интервју за МИА говори за крупните проекти кои Владата ги спроведува за учениците и студентите.

Тој истакна дека многу се работи на студентските домови и нивна обнова.

-Во изминатите неколку години Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука направи сериозни инвестиции во насока на подобрување на студентскиот стандард, вложувајќи некаде околу 4,5 милиони евра само во унапредувањето на инфраструктурните услови. Со околу 1,5 милиони евра првпат, по цели 40 години, изградивме комплетно нови сместувачки капацитети, односно 8 современи павилјони во состав на студентскиот дом „Стив Наумов“.Минатата година дадовме ветување за темелна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“, како објект со најголема приоритетност, поради состојбата во која се наоѓа и поради тоа што се работи за дом кој располага со најголем сместувачки капацитет, така што секоја година има и најголема концентрација на студенти. И еве, тоа наше ветување веќе се реализира. Реконструкцијата се одвива етапно, во неколку фази, за да има доволно простор за сместување на сите заинтересирани студенти во текот на академската година. Можам да кажам дека градежните активности во рамки на првата фаза се целосно заокружени, согласно акцискиот план и предвидената динамика. Темелно е реконструиран блокот Б, што подразбира замена на ѕидните и подните облоги, вратите, прозорците, тоалетите, поставени се нови кујни во сите соби, а некаде кон средината на овој месец, ќе биде потпишан договор за набавка на опрема по што, во текот на ноември објектот ќе биде пуштен во употреба. До овој момент инвестирани се 1,5 милиони евра. Во меѓувреме избрана е фирма за изработка на проектно решение за реконструкција на останатите блокови, мензата и партерот. Следен чекор е отпочнување на постапка за јавна набавка и реализација на активностите за реконструкција на блокот А, од каде студентите ќе се префрлат во веќе реконструираниот дел. Потоа ќе следат блоковите В и Г, така што целосната реконструкција на овој студентски дом, кој и натаму ќе ја задржи архитектонската автентичност, очекуваме да биде заокружена во текот на 2017 година, за што ќе бидат инвестирани околу 6 милиони евра. Да не заборавам да напоменам и дека паралелно се преземаат мерки за замена на лифтовите во овој, но и во дел од останатите студентски домови, каде е нотирана потребата од ваква интервенција, односно инвестиција. Веќе е започната постапката за јавна набавка и оваа работа ќе биде завршена некаде до крајот на тековната календарска година, вели Ристовски.

Заменик-министерот во интервјуто за МИА истакнува дека ги разбира потребите на студентите за квалитетно студентско сместување и состојбите не се совршени.   Вели дека потребно е уште многу труд и средства за да се санираат временските последици.

Како што истакна и премиерот Груевски одговарајќи на пратеничко прашање во Собрание, Владата размислува за покрупни промени во екстерното тестирање. Ристовски додава дека при овие промени нема да се изгуби суштината на екстерното.

-Сега се решивме да направиме покрупни промени со кои ќе се подобри имплементацијата на процесот, но притоа да не се изгуби неговата суштина и неговата суштинска намена. Така, на последните неколку владини седници разговаравме за некои нови можности, кои во добар дел и се поклопуваат и со сугестиите на дел од чинителите изнесени деновиве по медиумите. Ние сме отворени за можноста за корекции во функција на подобрување на екстерното тестирање чија крајна цел ќе биде добивање на квалитет и ќе биде корисен метод и за самите ученици.Но, сепак, во периодов кога заеднички со мнозинството чинители одлучуваме да отвориме сеопфатна јавна дебата, од другата страна се појавува една група средношколци, или како што официјално се познати во јавноста средношколски пленум, кои континуирано се обидуваат да го девалвираат процесот, нудејќи притоа предлози, кои се резултат на неконзистентни ставови, односно ставови кои од ден во ден се менуваат. Па така, едно од нивните барања беше промена на моделот, односно примена на словенечкиот модел, ние откако покажавме отвореност, кооперативност и волја да зборуваме за имплементирање на најдобрите практики сега тие бараат целосно укинување. Тоа не е конструктивен предлог и е тотално несериозно и апсурдно да се бара укинување на реформа која значи унапредување на образовниот систем и подигнување на знаењата на учениците. Тоа би значело враќање на неколку чекори наназад и еден ретрограден процес, а ние не можеме да се откажеме како Министерство од нашата суштинска цел на дејствување, а тоа е унапредување на образовните процеси. Јас сум длабоко убеден дека образованието мора да оди напред и дека нашите намери се најискрени. Вложувањата во образованието и повисоките стандарди се заедничка инвестиција за иднината на младите. Така што, повторно потенцирам како Влада и Министерство предвид ќе ги земаме само најдобронамерните предлози и сугестии, без политичка или каква било друга позадина и со намера да се унапреди овој процес. Тоа е нашиот став, рече Ристовски за МИА.

Актуелната Влада, потенцира заменик-министерот досега изгради 70 нови и реконструира 350 основни и средни училишта со што значително се подобрени условите за образование на околу 150.000 ученици.

-Практично инвестиравме некаде околу 42 милиони евра за оваа намена. Дополнително, во тек е и реализација на акциски план кој ќе биде заокружен следната 2016 година, кој предвидува изградба на четири објекти, ново средно училиште во општина Сарај кое е речиси при крај, ново основно училиште „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода, доградба на основните „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче и „Васил Главинов“ во село Сливник во Велес, како и реконструкција на вкупно 45 други училишни објекти. Така што, ќе стигнеме до износот од 50 милиони евра, кои како Влада сме ги вложиле во 74 новоизградени и 395 реконструирани училишта. Да потсетам и дека паралелно го реализираме проектот за изградба и опремување на училишни спортски сали, во чии рамки досега се изградени 49 современи спортски сали, а уште 10-тина се во фаза на градба. Мислам дека не постои никаква логика за компарација со реализирани инвестиции во периодот пред 2006 година, додава тој за МИА.

Филмската академија ќе помогне во создавањето на квалитетен кадар, на добро едуцирани студенти кои ќе помогнат во развојот на  домашната филмска продукција и во негувањето на македонската филмска уметност, а би придонесувале и воопшто во развојот на глобалната филмска индустрија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.