Ристовски во посета на Математичката гимназија во Белград

Ристовски во посета на Математичката гимназија во Белград
Ристовски во посета на Математичката гимназија во Белград
Министерството за образование и наука интензивно работи на подготвителните активности за отворање на специјализирана Математичка гимназија во Скопје, а во таа насока е и денешната посета на заменик министерот Спиро Ристовски на елитната Математичка гимназија во Белград.

Целта на посетата е да се увиди моделот на организација, начинот на функционирање и предизвиците при работата на оваа високо ценета образовна институција која што е формирана во далечната 1966 година.

Ристовски оствари средба со директорот на Математичка гимназија Срѓан Огњановиќ, кој изрази подготвеност за целосна поддршка во процесот на формирање на Математичка гимназија во нашата држава.

Проектот за отворање на специјализирана Математичка гимназија во Скопје беше најавен пред неколку месеци и со него се предвидува училиштето да работи според напредни наставни програми во кои најмногу ќе биде застапена математиката но и други наука како што се информатика, физика и хемија. Идејата е ова училиште да биде исклучиво наменето за талентирани ученици кои имаат висок капацитет за математика и други сродни науки, а наставниот кадар покрај редовните професори да го сочинуваат и вонредни професори од Природно математичкиот факултет како и од членови на МАНУ. Долгорочната цел на овој проект е по неколку години да се создадат врвни инженери од повеќе области од кои што бенефит би имала научно истражувачката дејност во Македонија но и целокупната економија.

Инаку од Математичка гимназија во Белград каде што денес престојува заменик министерот Ристовски, досега имаат завршено околу 7000 ученици од кои најмалку 250 потоа докторирале, а над 400 имаат завршено магистерски студии, што претставува голем процент од вкупниот број на ученици. Дополнително секоја година голем број на математички таленти од ова училиште добиваат стипендија за студирање на врни универзитети како што сеКембриџ и Оксфорд.

За половина век постоење Математичка гимназија од Белград има освоено преку 450 медали на меѓународни научни натпревари и има креирано огромен број на универзитетски професори, како и научници и експерти од повеќе области.