Македонија,Политика

Ристовски: Во првите 100 дена, реализирани 12, во тек 20 проекти

Ристовски: Во првите 100 дена, реализирани 12, во тек 20 проекти

Владата продолжува и понатаму со максималните заложби за унапредување на квалитетот на македонскиот образовен систем и за следење на современите светски образовни трендови. Заменик министерот за образование Спиро Ристовски истакна дека во првите 100 дена од работата на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ, реализирани се 12 проекти во образованието, а 29 се во тек на реализација.

ВМРО – ДПМНЕ продолжува да се раководи по начелата на принципиелност и одговорност во работењето, како и транспарентност и отчетност во однос на ветеното и сработеното, пред граѓаните со кои континуирано во изминатите 9 години заеднички ги креираме политиките за севкупен општествено-економски и социјален развој на земјата.

На денешната прес конференција би сакал да информирам за досегашниот степен на реализација по однос на сите реформи, проекти и активности во областа на образованието, во првите 100 дена од работата на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ.

Дел од понудените проекти за чија имплементација се обврзавме во следните 4 години, согласно дефинираната динамика наведена во акциските планови, се веќе спроведени и ги даваат очекуваните ефекти, додека, за дел од нив, активностите за имплементација се во тек или во фаза на подготовка.

Во однос на унапредувањето на образовната инфраструктура во основното и средното образование, многу ученици новата учебна година ја започнаа во значително подобрени услови за следење на наставата, затоа што во целост е реализиран проектот за реконструкција на 19 основни и 8 средни училишта, а во завршна фаза се и реконструкциите на уште 3 основни училишта во општините Ѓорче Петров, Дебар и Берово. Исто така, во целост се реализирани и проектите за изградба на нови 4 училишта од цврста градба (две основни и две средни), 5 таканаречени модуларни училишта во рурални средини, како и доградба на објекти во состав на 2 училишта во општина Шуто Оризари. Во фаза на изградба е и средното училиште во општина Сарај, како и изградба на 6тото модуларно училиште, лоцирано во село Марена во општина Кавадарци. Сумирано, се работи за акциски план вреден приближно 500 милиони денари.

Во изминатите 3 месеци, преку капиталниот проект за “Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, нови спортски сали добија општините Росоман и Радовиш, додека во 6 други општини, во тек е изградбата на исто толку, нови современи спортски објекти.

Во делот на високото образование и студентскиот стандард, три капитални проекти се започнати во насока на инфраструктурна надградба: реконструкција на Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје, која ќе се одвива етапно и целосно ќе биде заокружена во 2016 година. Во оваа прва фаза предвидено е да бидат инвестирани 76 милиони денари. Вториот проект е адаптација на Касарната во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички науки и технологии, која ќе се одвива во три фази, од кои, во последната е предвидена и изградба на спортска сала. Првата фаза предвидува влог од речиси 36 милиони денари. Третиот отпочнат проект се однесува на изградба на нови објекти за потребите на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура при Универзитетот “Кирил и Методиј“ – Скопје. Постапката за избор на идејно решение е во тек.

Подеднакво внимание посветуваме и на унапредување на квалитетот на наставата и воспитно образовниот процес.

Така, во делот на основното образование би потенцирал дека од 1 септември Република Македонија стана единствената земја во регионот којашто го воведе Кембриџ образовниот систем, еден од најквалитетните во светски рамки, прифатен во 160 земји и над 9000 училишта. Учениците од прво до трето одделение веќе изучуваат математика и природни науки по целосно нови наставни програми и учебници, адаптирани според наставните програми на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ.

Во две училишта во кои од минатата година започна да се имплементира Меѓународната ИБ програма во одделенска настава, се воспостави континуитет, со тоа што оваа програма годинава се воведе за прв пат и во предметна настава.

Во делот на средното образование, го започнавме проектот за модернизација на стручното образование, кој предвидува опремување на средните стручни училишта со современи лаборатории, додека проектот Опсерваторија на вештини, предвидува подобрување на наставните планови и програми преку детална анализа на адекватноста на вештините со кои располагаат учениците од средното стручно образование во корелација со потребите на пазарот на труд.

Во меѓувреме ги започнавме и подготвителните активности за отворање на реални компании во средните училишта, сродни на застапените струки, наменети првенствено за практична настава на учениците, но и за комерцијализација на производите и услугите, односно понуда на реалниот пазар.

Согласно ветеното, во соработка со општините Битола, Прилеп, Штип, Охрид, Велес и Струмица, ги дисперзиравме паралелките на Спортската академија од Скопје, за која е донесен и посебен Закон. Паралелно, во рамки на проектот Спортски таленти, воведена е законска обврска за сите училишта да формираат спортски клубови и да регистрираат екипи во 10 спортови. Крајна цел е да се зголеми процентот на ученици во училишно – спортските активности со опфат од 36% од вкупниот број на ученици, за да се изврши рана спортска селекција на младите талентирани спортисти, согласно нивните афинитети кон соодветните спортови.

Од проектите кои ги засегаат и основните и средните училишта, би сакал да информирам дека во тек е постапката за набавка на интерактивни табли, а потоа ќе бидат набавени и нови 300.000 таблет компјутери.

Во областа на високото образование, најважно е што го започнавме проектот за реформа на педагошки факултети, кој ќе придонесе за подобрување на квалитетот на наставниот кадар, подигнување на генералната слика за улогата на наставникот и почитување на улогата на наставниците во образовниот процес и општеството. Една суштинска придобивка за целокупниот образовен систем во земјата.

Македонските студенти и натаму ќе учат по современа литература од која се учи на врвните светски универзитети. Новина се законските измени од месец август, со кои Министерството за образование и наука се задолжува секоја година да набавува нови 50 книги од првите 10 највисоко рангирани универзитети според Шангајската листа.

Со цел поголема достапност на високообразовните установи, на лица кои поради било какви причини во минатото не биле во можност да се стекнат со диплома за високо образование, проектот 35/45 кој се имплементираше во изминатите 4 години и преку кој под одредени финансиски и други поволности повеќе од 1.200 граѓани се запишаа на некој од државните факултети, од оваа година се промени во 30/35. Практично ја намаливме границата на возраст за учество во овој проект, со цел оваа можност да им се понуди на што поголем број граѓани.

Поддршката кон наставно научните и истражувачките работници е видлива преку неколку континуирани долгогодишни проекти, како проектот за обезбедување на бесплатен пристап до соодветна, современа меѓународна литература и списанија со импакт фактор, преку проектот за набавка на лаборатории со научно истражувачка и апликативна дејност, преку доделувањето на таканаречените научни и творечки субвенции, преку ново формираниот Фонд за иновации и технолошки развој кој е системски исчекор за поддршка на иновациите, како и преку можностите за промоција на личниот труд и воспоставување на домашна и меѓународна научна соработка, кои ги нуди интернет-порталот nauka.mk.

Ова се само дел од вкупно 47те проекти на кои работиме во сферата на образованието, а се содржани во новата програма. Со задоволство констатирам дека од нив, досега во овие 100 дена, реализиравме 12, а 29 почнаа да се реализираат и се во тек.

Владата продолжува и понатаму со максималните заложби за унапредување на квалитетот на македонскиот образовен систем и за следење на современите светски образовни трендови.