Македонија

Ристовски: За првпат основците ќе посетуваат настава на англиски јазик

Ристовски: За првпат основците ќе посетуваат настава на англиски јазик

Македонскиот образовен систем во следниот период ќе се надградува и унапредува со најмалку 47 образовни и научни проекти, посочи министерот за образование, Спиро Ристовски.

Според програмата,  Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ планира да го отвори првото Меѓународно основно училиште во земјава коешто преку специјализирани наставни планови и програми на англиски јазик, како и соодветно обучен наставен кадар, ќе им овозможи на учениците брзо и ефективно изучување на овој светски јазик. За оваа намена ќе бидат инвестирани 100 милиони денари.

Дополнително, во делот на основното образование предвидено е продолжување и проширување на меѓународната ИБ Програма која се изучува во 145 земји во светот во повеќе од 3.500 училишта и преку којашто се менува пристапот на наставниците, односно, нема класично предавање на табла,  учениците се активни и повеќе акцент се става на практичната настава. Оваа меѓународна програма кај нас е воведена во одделенска настава од прво до петто одделение во две училишта, додека од следната учебна година ќе се воведе и предметна настава од шесто до деветто одделение.

„Како еден вид стимулација за најдобрите ученици од основните и средните училишта во областа математика и природните науки, кои учествувале на меѓународен натпревар и се меѓу првите 75% од натпреварувачите, предвидени се награди, за што ќе се обезбеди буџет од 2,4 милиони денари. Исто така, посебен акцент ќе биде ставен и на идентификацијата на талентираните ученици, нивна стимулација и континуирана работа со истите, преку креирање на посебни образовни политики од страна на стручни лица од различни области, вклучително и психолошко-педагошките служби во самите училишта“, истакна Ристовски.

Фокусот за средните училишта ќе биде насочен кон модернизација и зголемување на атрактивноста, а ќе се реализира и проектот „Реални училишни компании“ кој предвидува отворање на компании во самите училишта, сродни на застапените струки, наменети првенствено за практична настава на учениците, но и за комерцијализација на производите и услугите.

За жените над 30 години и мажите над 35 години коишто во минатото не успеале да завршат високото образование, се предвидува да им се понуди можност под одредени финансиски и други поволности да се запишат на некој од државните универзитети.