РК Металург се распаѓа, откажан мечот со Загреб

Натпреварот од 6 коло на СЕХА ракометната лига меѓу Загреб и Металург што требаше да се игра денеска е откажан, објави  Спортмедиа, пренесува Нетпрес.

Причината е недоаѓање на македонскиот првак, кој има внатрешни проблеми, бојкот на играчите поради неисплатените плати.

Утринава требаше екипата да отпатува авионски за Загреб, но никој не се појави на аеродормот Петровец, а во Загреб биле информирани дека нема да се патува.

Играчите на Металург за денеска најавија и писмено соопштение за случувањата во клубот и нивните барања.

Вкупно 20 ракометари на македонскиот ракометен првак Металург го напуштиле состанокот вчеравечер со управата на клубот и јасно ставиле на знаење дека нема да патуваат на утрешниот меч од СЕХА лигата против хрватскиот шампион Загреб.

Повикувајќи се на сопствени извори „Спортмедиа“ пишува дека чашата од незадоволство се прелила откако и денеска ракометарите не добиле никаква информација околу заостанатите плати (клубот им должи од мај), а не го добиле ниту ветениот состанок со сопственикот Минчо Јорданов. Криза имаше и пред еден месец, но тогаш на ракометарите им беше ветено дека ќе ги добијат парите за кратко време, што не се покажа точно.

На состанокот на кој присуствувал претседателот на екипата, Левче Китевски, имало мачна атмосфера, а играчите децидно побарале состанок само со Јорданов, без никакви посредници. Тоа не им било дозволено, па сите 20 ракометари го напуштиле состанокот и решиле да не отпатуваат за Загреб со утринскиот лет од Скопје.

Металург за СЕХА лигата има пријавено 28 ракометари, во кои има неколкумина од Металург Јуниор. Но, 20 ракометари одбиле да патуваат, од останатите осум еден е Дарко Станиќ, кој си замина во Германија, а преостанатите седум, дури и да заминат немаат во составот голман.

Ова е голем срам за неколкукратниот македонски првак, непатувањето во хрватската метропола може скапо да го чини клубот од Автокоманда, зашто СЕХА сигурно остро ќе ги казни поради неиграње на дуелот со Загреб.

Последните информации говорат дека управата на клубот контактирала со луѓето од СЕХА барајќи мечот да биде одложен, но мали се шансите тоа да се случи, зашто временскиот рок е краток, а и нема слободни термини за тоа кога би се играл натпреварот.