РК Пелистер задоцнето ги започна подготовките за новата сезона

Конечно, согласно последните најави, ракометниот клуб Пелистер, со мало задоцнување, последен од суперлигашите ги стартуваше подготовките за новата сезона. Тренерот на екипата, Игор Николовски, денеска со почеток од 18 часот, ја изврши првата прозивка, а покрај домашните играчи, на прозивката имаше и едно ново лице.

Златко Мојсовски, десното крило со долга репрезентативна кариера, кој пристигна од нашиот шампион Металург, е првото засилување за Пелистер. Воедно, ова значи кам-бек на стружанецот во клубот по пауза од цели девет години, со оглед на тоа што на почетокот на својата професионална кариера, мина неколку сезони во Битола.

Според нашите информации, веќе за утре е најавено пристигнувањето на црногорскиот лев бек од Целје, Стефан Чавор, а во наредните денови клубот ќе се засили со уште неколку ракометари, како домашни така и интернационалци. Дознаваме дека клубот веќе ги има направено првичните контакти и со уште еден свој поранешен ракометар, повремениот репрезентативец Дејан Пецаковски, на кого, според последнит информации му пропадна трансферот во Дубаи.