РК Вардар четврти пат победник во СЕХА

Ракометарите на актуелниот европски шампион во неделата вечерта дојде до својата четврта титула во регионалната СЕХА Газпром лига, откако во финалето на седмиот Ф4 турнир го победија во Скопје ППД Загреб со 26:24 (14:13), со што стана првиот клуб со четири титули во ова регионално натпреварување.

Вардар, исто така, е единствениот клуб којшто играл во шест од седумте финални натпревари во СЕХА лигата, а е вториот кој ја одбранил титулата и втор тим што пред домашна публика ја освојува титулата. Сезоната ја заврши без пораз, со само едно реми што никому досега не му успеало.

Истовремено Вардар конечно ја совлада и лошата традиција со ППД Загреб, бидејќи досега секогаш кога двата тима се среќавале на Ф4 турнирите и секогаш кога сме играле за пласман македонскиот претставник претрпуваше порази.

Вардар тргна силно и решително уште од самиот почеток, а со по двата гола на Криштопанс и на Циндриќ, а потоа и Борозан „црвено-црните” поведоа со 5:2, па изгледаше дека нема да има проблеми на натпреварот и конечно ќе го разбие малерот од мечевите за пласман на Ф4 турнирите. Досега на сите полуфинални средби победуваше Вардар, а во финале и меч за бронза подобри биле загрепчани.

Така изгледаше во најголем дел од првото полувреме. Вардар ја наметна својата игра, а требаше само уште малку подобро да ги збие своите одбранбени редови. Домагој Павловиќ лесно наоѓаше простор да влезе на шест метри, па иако Арпад Штербик имаше четири одбрани сепак требаше поагресивно да се одбраниме.

Загрепчани немаа притисок врз себе бидејќи тие беа аутсајдери и токму поради тоа играа и полесно. Вардар постојано имаше предност од три до четири голови постојано како најава за можеби лесна завршница. Во последните минути од првото полувреме ППД Загреб полека почна да ја топи предноста користејќи ја секоја грешка на Вардар, па домаќините на одмор заминаа со голе предност.

Во второто полувреме имаше период во кој гостите опасно се заканија и неколку минути кон средината од периодот одржуваа израмнет резултат. Потоа следуваше фуриозен финиш на вардарди кои побегнаа на „плус пет“ 25:20, резултат кој загрепчани не можеа веќе да го следат.

По пет гола постигнаа Криштопанс и Циндриќ, по три реализираа Дибиров, Борозан, и Чупиќ, Штерик имаше осум одбрани. Во составот на Загреб, Хорват реализираше осум пати, од кои седум од пенал.

Следниот предизвик на Вардар се четвртфиналните дуели од Лигата на шампионите против Кил, во кој европскиот шампион ќе се обиде и оваа сезона да обезбеди пласман за фајнл фор турнирот во Келн и да се обиде да го повтори историскиот успех и да го одбрани европскиот трофеј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.