Македонија

Робин О’Нил: Грција не сака решение

Робин О’Нил: Грција не сака решение

Последната рунда разговори за името во Њујорк уште еднаш покажа дека Грција не сака решение, туку пролонгирање на спорот што е можно подолго. На медијацијата на Метју Нимиц треба да и се стави крај бидејќи е неуспешна, а спорот треба да се врати пред Генералното собрание на ОН, изјави првиот медијатор во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О Нил за програмата Гласот на народот, пренесува МИА.

– Средбата во Њујорк минатата недела само уште еднаш покажа дека Владата на Грција не сака да го реши ова прашање, туку да го остави нерешено колку што е можно подолго. Прво, бидејќи Грција признава дека единствено долгорочно решение е Македонија да биде меѓународно признаена под своето уставно име, Република Македонија, таа сака да го одолговлечи тоа колку што е можно подолго. Второ, секоја грчка влада се плаши од домашната политичка непопуларност доколку биде поразена во спорот за кој се бореше толку долго и покрај фактот дека употребата на уставното име од страна на Македонија уште од нејзината независност во ниту еден случај не ѝ нанела штета на Грција, ниту внатрешно во границите на Грција, ниту пак на меѓународно ниво. Мојот совет до Владата на Македонија е, да прифати дека процесот на преговори со Грција за изнаоѓање на „компромис“ никогаш нема да доведе до решение на проблемот. Затоа, сега таа би требало да води поактивна политика на меѓународно ниво, ообено во Обединетите нации, нагласи О Нил.

Во врска со Времената спогодба, тој оценува дека беше неуспешна поради, како што вели, лошите намери на Грција, но дека и медијацијата од страна на Метју Нимиц е, исто така, неуспешна.

– Нимиц покажа огромна трпеливост во посредувањето за спогодба помеѓу Македонија и Грција во врска со приговорите од страна на Грција за употребата на името на Македонија. Со години, тој мораше да изјавува дека не постигнал никаков напредок и дека треба да се одржи наредна средба. Ова и одговара на Грција бидејќи сака секоја спогодба за решавање на овој проблем бесконечно да ја одолговлекува. Но, тоа не и одговара на Македонија. И доколку еден проблем речиси 20 години не може да се реши преку медијација, тогаш медијацијата никогаш и нема да го реши истиот, вели амбасадорот О Нил.

Според него, во моментов најдоброто решение за Македонија е од Генералното собрание на ОН да побара целосно прифаќање на нејзиното место во рамките на Светската организација според нејзиното уставно име Република Македонија.

– Верувам дека големо мнозинство од членките на ОН ќе го поддржат ова. Откако веќе еднаш Македонија ќе биде целосно признаена според своето уставно име, на Грција ќе ѝ биде сѐ потешко и потешко во ЕУ и НАТО да тврди дека постои легитимен спор и дека Македонија не треба да биде прифатена во овие организации. На членките на ЕУ ќе им биде исто така, потешко  да не ја признаат Македонија според нејзиното правилно име, вели британскиот дипломат.

Тој при тоа посочува дека формалното продолжување на мисијата на Нимиц преставува пречка.

– ОН го наместија ова. Грција може да тврди, иако неправедно, дека сѐ уште постои дијалог за разрешување на овој спор. Дојде време Македонија да изјави дека по толку години работа без резултат од страна на Нимиц, мора да се прифати дека овој спор не може да биде решен на тој начин. Се надевам дека и Нимиц ќе се согласи дека неговата мисија, колку извонредно и да ја спроведуваше, сепак беше неуспешна и треба да дојде до својот крај. Ова прашање мора да се врати на Генералното собрание, и за доброто на меѓународната заедница, а не помалку и за обезбедување стабилност во балканскиот регион, Македонија сега треба под своето правилно име да биде признаена од страна на Обединетите нации. И крајот на овој во суштина вештачки спор, всушност, ќе даде позитивен придонес за стабилноста и напредокот на самата Европа, категоричен е О Нил.

Тој оценува дека со појавата и делувањето на ИСИС, во моментов има опасна дестабилизација, не само во Европа, туку и во светски рамки. Затоа, смета дека Владата на Република Македонија треба да се движи во насоката што тој ја посочува односно со придвижување на овој проблем кон Обединетите нации за да добие целосно признание од Светската организација за името Република Македонија што со право и припаѓа.

Коментирајќи ја изјавата на министерoт за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар Ездил Нами дека наместо да го троши своето скапоцено време барајќи начин за решавање на проблемот со Грција, Македонија треба да се фокусира кон градење на врски со земјите кои што веќе ја признаваат како Република Македонија, медијаторот О Нил со став: „Се надевам дека Владата на Македонија континуирано гради такви врски, особено со овие земји, но и со други пријателски земји кои имаат добри односи со Македонија. Меѓутоа, сепак, мора да биде внимателна во врска со прашањето за името, бидејќи за стабилноста на балканскиот регион и составот на Европа потребно е на Македонија да ѝ биде дозволено да ја заземе својата целосна и правилна позиција во рамките на ЕУ и НАТО. Ова значи решавање на прашањето за името“, изјави амбасадорот О Нил.

Запрашан за двојниот стандард на меѓународната заедница кога станува збор за почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во врска со Времената спогодба и заложбите за Украина во контекст на нејзиниот спор со Русија, тој оценува дека не станува збор за двоен стандард.

– Во кој било правен случај, страната што ја има пресудата во своја корист мора да реагира. Во Украина, Владата  го покрена ова прашање на меѓународно ниво и во меѓународното право позицијата е јасна. Што се однесува на Македонија и Меѓународниот суд на правдата, Владата на Македонија треба да го покрене ова прашање понатаму пред Генералното собрание на ОН и да побара пресудата на Меѓународниот суд на правдата да се почитува. Доколку се направи тоа, тогаш останатиот дел од меѓународната заедница ќе биде приморан да одговори, вели О Нил за Гласот на народот.