Македонија

Рочиштето за „Траекторија“ почна без записник

Рочиштето за „Траекторија“ почна без записник

Скандалозно започна во средата рочиштето за случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Траекторија“, кога одбраната го побара записник од минатото рочиште, но тоа не беше овозможено.

Адвокатите на обвинетите реагираа и на тоа што не го добиле ЦД со записникот од претходното рочиште. Адвокатот Димитар Дангов поради побара да се прекине денешното рочиште бидејќи во спротивно им се оневозможува правото на квалитетна одбрана.

Адвокатот на одбраната истакна дека не може да се произнесат за претходните решенија на Судот бидејќи немаат утврден записник. Судијата на предметот Горан Бошевски констатира дека записникот не е изготвен, но сепак судењето ќе продолжи, што претставува своeвиден преседан одобрен од Судот.

Судот го одби барањето и на адвокатот на одбраната Димитар Дангов снимените материјали да се вратат на обвинителството, затоа што не се вербален доказ согласно Законот.

Судот не одлучи и по барањето на адвокатот Дангов аудио снимките да бидат одбиени како доказен материјал со оглед на тоа што беа објавени на веб портали и се јавно соопштени согласно членот 347 став 1 точка 1 случај 1 од Законот за кривична постапка според која одредба тие докази се незаконити.

Адвокатот Дангов бараше судот да одлучи по овој предлог, кој вторпат се изнесува, а Судот не одлучува.

Пред почетокот на денешната главна расправа за случајот „Траекторија“ судијата Горан Бошевски соопшти дека судот ги одбива како неосновани десетината предлози на адвокатите на одбраната.

Адвокатите денеска доставиле и нови предлози до судот. Дел од тие предлози се однесуваат на поништување на постапката за користењето на смс-пораките во предметот.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.