Македонија

Родилката и бебето од Гевгелија се задушиле при операцијата?

Родилката и бебето од Гевгелија се задушиле при операцијата?

Обдукциониот наод за родилката од Гевгелија и нејзиното бебе се завршени и пратени во обвинителството во Велес. Неофицијално, 32 годишната Маја Кадиева од Нов Дојран и нејзиното бебе се задушиле при изведувањето на операцијата на царски рез во болницата во Гевгелија, објави Канал 5.

Како што соопшти телевизијата, мајката и новороденчето починале поради грешка на тимот кој ја породувал, кои ги оставиле долго време без кислород. Трагите на телото на починатата родилка, според обдукцијата, покажале дека таа била неуспешно интубирана неколкупати.

Лекарите-анестезиолози во болницата во Гевгелија се обидувале во повеќе наврати правилно да насочат и да спуштат црево преку устата во нејзините дишни органи, но при секој обид тоа било безуспешно.

По трагедијата која ја потресе целата македонска јавност, алкотестот на двајцата анестезиолози утврди дека за време на царскиот рез врз родилката биле пијани. Кај едниот биле најдени 1,23 промили алкохол, а кај другиот 1,75 промили алкохол во крвта.

Сопругот на Маја, Мите Кадиев во телефонски разговор за Канал 5 рекол дека засега ќе се воздржи од коментар, оти ќе го чека официјалниот извештај од судска медицина. Тој рече дека правдата ќе ја тера до крај, се додека не бидат казнети виновниците за смртта на неговата сопруга и бебето.

Кадиев се уште не е повикан да даде исказ во Обвинителството во Велес. По смртта на Маја и новороденчето тој опиша што се случувало во родилната сала.

Министерството за здравство во меѓувреме испрати своја комисија во гевгелиската болница, но засега се уште нема официјален извештај од нејзиниот наод за овој случај.

Анестезиолозите добија откази, а директорот на болницата во Гевгелија смета дека одговорноста за случајот е на неговите колеги, а не негова.

Маја Кадиева и нејзинот бебе починаа на 22-ри октомври за време на царски рез. Таа имала уредна бременоста за целиот период од 9 месеци, без никакви компликации.

Ова и било втора бременост, но за жал не преживеа ни Маја, ни нејзиното бебе. Сега на ред е обвинителството кое треба да покрене истрага за случајот и да ги изведе виновниците пред суд.