Родители и ученици на протест пред средното медицинско во Битола

Сто ученици кои се пријавиле во медицинското училиште во Битола, д-р Јован Калаузи, се повикани да си ги земат документите бидејќи нема да можат да ја продолжат учебната година во ова училиште.

Тоа денеска предизвика протест пред училиштето каде родителите и децата бараа одговор од директорката на медицинското училиште за ваквата одлука.

Според првиот човек на ова училиште, директорката Јасмина Никиќ Десановска и годинава како и годините наназад после 25-ти август бидејќи имало слободни непополнети места од уписните рокови, тие запишувале ученици со помалку поени за да се пополнат слободните места.

Претходно за ова побарале одобрение од ресорното министерство. Одговорот им пристигнал на 9-ти септември како што рече директорката и со него не се одобрува запишување на ученици со помалку пеони. На родителите им вети дека ќе бараат решение за учениците, а ваквата ситауција може да е проблем и за неколкумина професори кои можат да се соочат со прогласување технолошки вишок, вели Десановска.