Родителите на деца заболени од церебрална парализа бараат да им се врати правото на бесплатна рехабилитација

Со указ од Министерството за труд и социјална политика е забранета бесплатната рехабилитацијата и рекреација  на деца со церебрална парализа. Од Здружение на родители на деца заболени од церебрална парализа денеска јавно изразија револт спрема Министерството и  техничката министерка Фросина Ременски при што беше истакнато дека веќе втора година по ред како се прават прекини во рехабилитацијата на нивните деца.

-Овие прекини на рехабилитацијата на нашите деца во „Бања Банско“ како по некое непишано правило почнаа да се случуваат секоја година. И минатата година истото се случи и реагиравме и годинава истото се случува. Зошто?, прашуваат од  Здружение на родители на деца заболени од церебрална парализа.

Со ова уште еднаш се потврдува дека техничката министерка Ременски, во својот мандат покажува нетолеранција и немање чувство за потребите на лицата со попреченост.

Проектот за бесплатната рехабилитацијата и рекреација стартуваше есента 2014 година и се спроведуваше се до доаѓањето до Ташевска Ременски за технички министер. Тој е наменет за деца со церебрална парализа, деца кои имаат пречки во телесниот развој или комбинирани пречки.

Претседателката на здружението Марина Билбиловска денеска истакна дека рехабилитацијата на децата е многу важна за подобрување на движењето и моториката на самите деца.

-Нашите деца се со најтежок вид на комбинирани пречки. Ние родителите постојано се трудиме нашите деца денес да напреднат повеќе од вчера. Нашите деца се нашето се. На некого можеби не му значат ништо меѓутоа на нас ни значат повеќе од животот. Како родители нема да дозволиме никој, ама баш никој да си поигрува со судбината на нашите деца и со судбината на нашите семејства. Затоа што секој што си поигрува со нас ќе го почувствува гневот на родителот, рече Билбиловска.

Преку проектот за бесплатна рехабилитација и рекреација на децата со пречки во развојот на МТСП,  деца и младинци на возраст од 6 до 26 години кои имаат пречки во телесниот развој или комбинирани пречки заедно со нивниот придружник добиваат петдневен бесплатен одмор.

Проектот предвидува организиран бесплатен превоз и реализација на програма за работа која се состои од два дела, рехабилитација и креативни и рекреативни работилници. Проектот досега се спроведуваше во заводот за заштита и рехабилитација ,, Бања Банско“.

Од 2014 година услугата ја искоритиле  586 лица од целата држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.