Родителите на Дениса бараат уште една ДНК анализа

Родителите на Дениса бараат уште една ДНК анализа која би се извршила во Македонија, но не може да добијат дозвола од јавниот обвинител во Прилеп, тврдат за Канал 5 роднини на исчезната 23-годишна Дениса Маркоска.

Поради целата долготрајна драма со судбината на младата девојка, најблиските за да им се смири душата барале да се изврши нова ДНК анализа на телото за кое грчките власти по две недели долгата проверка тврдат дека е на Дениса.

Семејството Маркоски барале анализите да се извршат веднаш по враќањето на телото во Македонија.

Но за да се изведе анализата, и директорот на судска медицина Алексеј Дума објасни дека родителите иако се подготвени и сами да ја платат новата анализа првин треба да добијат одобрение од јавен обвинител. Кога најблиските на исчезнатата Дениса го кажале својот предлог за приватна обдукција и ДНК анализа, во обвинителството не им давале одобрение за таква постапка, тврдат за Канал 5 од семејството на Дениса. Телото на девојка најдена во Егејското Море на островот Карпатос веќе е подготвено за транспорт во Прилеп.

МНР дало гаранции дека до вторник парите кои ги бара приватната грчка фирма ќе бидат исплатени и отпочнати се сите процедури за транспорт на починато лице од странство во Македонија. Родителите затоа и брзаат да добијат одобрение од обвинителството за нова ДНК-анализа за да видат дали и македонската форензика ќе потврди дека телото во ковчегот донесен од Грција е навистина на Дениса и таа потврда сакаат да ја добијат пред да го извршат погребот.

Дениса исчезна на 12-ти септември во Егејско Море, од бродот Серенисима на кој младата прилепчанка работела. Кај роднините уште има сомнеж дека зад исчезнувањето на 23-годишната девојка има нерасветлени околности кои докрај не се истражени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.