Родителите на Игор и Иван Карачиќ: За кого ќе навиваме?!

Анкица и Анте Карачиќ се меѓу ретките родители во светот кои имаат тројца синови репрезентативци и тоа во два спорта. Семејството од Мостар е единствено на планетата кое на светското првенство во ракомет, кое се игра во Катар, ќе биде претставено од два члена, браќата Иван и Игор и тоа во различни национални тимови. Постариот, Иван (29), репрезентативец на БиХ, во петок ќе игра против Игор (26), кој игра за хрватската репрезентација.

-Не знам како ќе го преживеам ова. Веќе еднаш ги гледав во Бања Лука како играат еден против друг и тоа беше најлошото чувство во животот. Во петок ќе навивам за двајцата, па нека победи подобриот. Само не дај Боже некој да се повреди. Тоа е најважно, да не се повредат, истакнала мајката на Иван и Игор.

Третиот брат Карачиќ репрезентативец: Во петок нека биде нерешено

Најмладиот репрезентативец во домот на ова семејство е осумнаесетгодишниот Горан, голман на хрватскиот спортски клуб Зрињски и јуниорската фудбалска селекција на БиХ. Тој будно го следи секој чекор на браќата на Светското првенство во Катар.

-Моите браќа направија одлична работа во Катар. Се трудам да продолжам по нивните стапки, рекол Горан, а на прашањето за кого ќе навива тој одговорил:

-Ретко се случува да играат еден против друг. Зависи од натпреварот. Не можам да ги споредувам кога играат еден против друг. Нека победи подобриот. Најмногу би сакал доколку натпреварот заврши нерешено.

Сонот на Горан е да стане прв голман на сениорскиот тим на Зрињски.

-Желба ми е да стојам на голот на Зрињски и да ја освојам титулата првак со омилениот тим. Сакам да отидеме и на Европското првенство во Грција. За неколку години ќе настојувам да бидам и „А“ репрезентативец, вели Горан.

Таткото Анте блеска од среќа. Анестезиологот во мостарската болница земал годишен одмор поради првенството како што вели за да може на мир да ги гледа натпреварите на синовите. Тој планира наредните денови да замине за Катар за да бодри барем еден од синовите во завршницата на првенството.

-Прв пат во животот ќе гледам дуел помеѓу моите синови. Не знам како ќе се однесувам. Срцето не може да се подели. Нека победи подобриот, односно нека биде нерешено, па двете репрезентации нека се пласираат во следниот круг. Хрватска веќе се пласираше во осмина финалето. Се надевам дека и БиХ ќе го стои истото против Тунис, па ќе ми биде полесно кога две репрезентации ќе отидат во наредниот круг, вели Анте.

Поради БиХ и Хрватска два телевизори во дневната соба

-Специјално еден телевизор симнавме од горниот кат, бидејќи термините на натпреварите на БиХ и Хрватска се поклопуваат, па вака можеме да ги следиме истовремено. Додека траат натпреварите има нервоза, скокање, разни движења, вели таткото Анте.

Единствена која нема дилема за кого ќе навива е сопругата на Иван, Инет.

-Не смеам да кажам, но еве ако морам…Ќе навивам за БиХ, кажала таа низ смеа, притоа изразувајќи надеж дека нејзиниот девер нема да и замери за ова.

Животната сопатничка на Иван Карачиќ со нивната седумгодишна ќерка Ивона специјално се подготвила за светското првенство во Катар. Ноктите им се лакирани во боите на знамето на БиХ, додека во чест на Игор ноктите од левата рака ги обоиле во знак на коцкестите.

-Тоа е специјална подготовка. И моето девојче од седум години има идентично лакирани нокти, вели Инет.

За исходот од натпреварот БиХ – Хрватска таа рекла:

-Нема да го предвидувам резултатот. Сепак, мислам дека ќе победиме.

Инет за Иван вели дека е одличен сопруг, а освен Ивона имаат и синче, Леон, кој од мали нозе игра со топка. Иван и Инет во јули треба да добијат трето дете.

-На пат е третото дете. Се подготвуваме, вели Инет, која додала дека Иван е одличен сопруг.

Игор: Ако освојат бод со Тунис, ќе ги пуштиме

За време на престојот на новинарската екипа Anadol Agency во куќата на семејството, Игор се вклучил реку Скајп.

-Ако им земат бод на Тунис, ќе ги пуштиме, смеејќи се рекол Игор, нагласувајќи дека тој и неговиот брат се вистинска атракција за новинарите од целиот свет во Доха.

По емотивниот разговор на релација Мостар – Доха, таткото Анте рекол дека неговите синови се одлични момци.

-Професионално се однесуваа и додека беа деца и кога се школуваа. Исто така беше и кога ги имаа тренинзите. Целиот успех го стекнаа со труд. Прескокнуваа тренинг само ако имаа висока температура или сериозна повреда, вели Анте.

Куќата на семејството е преполна со пехари и признанија. Анте вели дека нема никаков посебен рецепт за одгледување деца, туку дека работата, трудот и упорноста се правилниот пат.

-Родителите во почетокот не треба да замислуваат дека децата ќе им играат во некоја репрезентација. Секој ден треба да се работи, чекор по чекор, да се поправаат грешките и да се напредува се повеќе, смета Анте.

На терен не ми е брат

Иван и Игор имале неколку клупски дуели. Бидејќи двајцата играат на позиција среден бек директно доаѓале во жестоки контакти за време на мечевите , вели Анте.

-Игор се врати дома со крвав нос. Го прашав што му е, а тој ми рече дека Иван го удрил на натпревар. Му се свртев на Иван и му реков: Па што ти е, тој ти е брат?! Тој ми одговори кратко и јасно: на теренот не ми е брат, вели Анте.

Игор со кадетската репрезентација на Хрватска бил првак во Европа и јуниорски вицепрвак на Стариот континент. Иван своеврмено играл и за младата репрезентација. Најмладиот од сите тројца синови, Горан, пред да се одлучи за фудбалот, бил тениски вицепрвак на Хрватска во конкуенција до 11 години.