Роднина на застреланото момче во Струмица тврди дека децата не краделе и оти вистината се забошотува

Роднина на застреланиот во петокот малолетник од Струмица за ТВ НОВА ја изложи нивната страна на случувањето и вели дека децата воопшто не краделе, туку биле на риболов, раскажува што се случувало тој ден кога двајата малолетници беа застрелани од полицаец, и побарал да остане анонимен.

„Вистината е сосема поинаква. Не се работи за кражба, децата биле на риболов на Мантово. Таму нашле превртен чамец на брегот, кој бил направен од буриња. Решиле да го превртат и да одат да пловат со него по водата, но кога го превртеле забележале дека е пукнат и повторно се обиделе да го вратат на место. Во меѓувреме, од првиот момент кога се доближиле до чамецот ги забележал некој овчар, кој го повикал сопственикот на чамецот, по што тој пристигнал и бил бесен. Децата се исплашиле и почнале да бегаат со џипот со кој отишле таму“, раскажува за ТВ НОВА роднината на потешко повреденото момче.

Вели дека откако пристигнал сопственикот на чамецот почнал да ги брка со голема брзина на неговот возило, а во исто време ги пресретнала полицијата.

„Детето коешто е повредено од огнено оружје е малолетник и нема положено возачка дозвола, затоа и било дополнително исплашен. Не застанале, туку возеле во паника, но кога веќе немале каде да бегаат и застанале, полицаецот ја отворил вратата од џипот и почнал да го тепа со боксови во пределот на стомакот и главата. Детето преплашено се обраќало со зборовите: ’Не ме тепај бато, ништо не направив, извини бато’. Во тој момент наместо да престане да го тепа, полицаецот испукува и куршум и го повредува во пределот на градите, поточно белиот дроб, куршумот излегува од другата страна и го повредува и совозачот, кој исто така е малолетник на возраст од 16 години“, наведува роднината.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, соопштија дека полицискиот службеник неосновано, неоправдано и неправилно употребил средство за присилба – огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција, утврдил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

За овој настан кој се случи на 11 август надлежен јавен обвинител од струмичкото Јавно обвинителство донел наредба за спроведување истражна постапка против полицискиот службеник.

Полицискиот службеник којшто го запрел возилото испукал два куршума во воздух како предупредување, а во исто време на местото на настанот пристигнало и друго возило на МВР од кое излегле двајца полициски службеници и се упатиле кон Опел фронтерата за да ги приведат момчињата, тврди МВР.

Натаму во соопштението се наведува дека при обидот да бидат приведени, полицискиот службеник употребил огнено оружје при што биле повредени Т.Д. и А.Ѓ. коишто веднаш биле пренесени во Медицински центар Струмица, каде што од страна на лекар се констатирани повреди од огнено оружје.

Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош веднаш било префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба.