„Рогот на љубовта“: Нов роман на Божин Павловски

Во издание на „Матица македонска“ излезе од печат  романот „Рогот на љубовта“ од  Божин Павловски, познат македонски писател, кој веќе шест децении создава прозни дела, високо вреднувани од литературната критика.

Во препораката на најновото книжевно остварување на авторот, Гоце Смилевски констатира, дека тоа „ говори за неизбежниот судир кој настанува кога во иста средина ќе се најдат човечки суштества водени од спротивни пориви: во овој роман тоа е судир помеѓу оние кои се водени од возвишените идеали за човечност и праведност, и оние кои се водени од деструктивната желба за моќ. Ликовите на романот, пренесени на страниците на „Рогот на љубовта“ со психолошка и животна уверливост, се градени со библиска контастивност во однос на доброто и злото. Во ваквото градење на ликовите на опозитните оски добро – зло, дел од нив, како Икита, го манифестираат екстремното зло, а на другиот пол се оние кои се отелотворување на доброто, како ликот на Јуда, од кого Павловски создава скоро Христолик романескен лик, кој претставува синтеза на добрината и мудроста. Делото се развива преку низ од драматични ситуации, обликувани од автентична творечка умешност, во кои се одвива постојаната борба помеѓу теророт и насилството од една, и копнежот по нежност и спокој, од друга страна. Со тоа, овој храбар и бескомпромисен роман станува значаен дел од книжевниот опус на Божин Павловски.“

Божин Павловски е автор на осумнаесет романи, на четири книги со новели и раскази и на три публицистички книги. За своето богато творештво тој е добитник на значајни домашни и меѓународни литературни признанија, меѓу кои и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело, како и на Интербалканската книжевна награда на Солун. Негови дела се преведени на: англиски, француски, руски, украински, италијански, турски, романски, бугарски, српски, албански, словенечки, грчки, полски,чешки, словачки и други јазици.