Рогозин: Србија нема да биде примена во ЕУ ако не се откаже од Косово

Србија нема да биде примена во Европската унија, ако не се откаже од Косово, изјави рускиот вицепремиер Дмитриј Рогозин, цитиран од Танјуг.

Во интервју за српската редакција на агенција Спутник, тој рече дека очекува Србија да има добра влада, но условите ќе бидат такви дека Србија никогаш нема да биде примена во ЕУ.

– Прво, каде да ве примат, кога сите бегаат оттаму? Кај нив има скандал. Англичаните си одат, а вас ве убедуваат да одите во ЕУ. Ним не им се допаѓа, а сакаат вам да ви се допадне. Не може така. Тука нешто не е во ред – истакна Рогозин.

Што се однесува до условите за членство на Србија, Рогозин, смета дека ќе се обидат да ја принудат да се откаже од Косово, а таа тоа никогаш нема да го направи. Тој истакна дека и прозападниот Србин никогаш нема да ја предаде својата татковина.

– Може да се преговара за економија, за курсот, за даноците, но тоа (прашањето за Косово) веќе е прашање на предавство. А без откажување од Косово, Србите нема да ги примат во ЕУ – убеден е Рогозин.

Според него, преговорите меѓу Белград и Брисел ќе се одолговлекуваат бескрајно, како оние со Турција или пак Србија ќе биде „разбиена на делови и ќе биде примена дел по дел“.

Тој истакна дека на Запад ги сметаат Србите за „балкански Руси“ и колку и да се мачат Србите да им се допаднат, никогаш нема да можат.

Коментирајќи го членството на Црна Гора во НАТО и тврдењата дека Русија ја пропуштила шансата да го запре влијанието на Алијансата на Балканот, Рогозин изјави дека приемот на Црна Гора во блокот всушност е насочено против Србија, а не против Русија и дека е „предизвикан конфликт меѓу родени браќа и сестри“.

Рускиот вицепремиер ги отфрли и стравовите на Западот за наводен воен или шпионски карактер на руско-српскиот хуманитарен центар во Ниш, велејќи дека не разбира зошто САД толку се „уплашиле“ од него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.