Рохани му порача на Пјонгјанг дека на САД не може да и се верува

Иранскиот претседател, Хасан Рохани му рекол на министерот за надворешни работи на Северна Кореја дека на САД не може да и се верува, јавуваат иранските државни медиуми во време кога Вашингтон се обидува со договор да стави крај на нуклеарните и ракетни програми на Пјонгјанг.

Постапките на американската администрација во последниве години доведоа до тоа САД ширум светот да ја сметаат како земја што не е достојна за доверба и која не ги исполнува своите обврски, му рече Рохани на шефот на севернакорејската дипломатија, Ри Јонг Хо, кој го посети Иран откако САД повторно воведе санкции за Техеран

Според Рохани, во сегашната ситуација пријателските земји треба да ги развиваат нивните односи и да соработуваат во меѓународната заедница.

Тој нагласи дека Иран и Северна Кореја „секогаш имале блиски ставови“ за многу прашања, пренесува Ројтерс.

Ри изјави дека повлекувањето на Вашингтон од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година и повторното воведување на санкциите е во спротивност со меѓународните правила и прописи.

Стратешка политика на Северна Кореја е продлабочување на односите со Исламската Република Иран и спротиставување на унитаризмот, рече Ри.

Иран неделава ја отфрли понудата на Вашингтон за разговори, со порака дека не може да преговара откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп се повлече од нуклеарниот договор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.