„Ројтерс“: Македонија дополнително ќе се задолжува со еврообврзница

Македонија испратила барање до неколку меѓународни банки за доставување предлози за издавање на Еврообврзница  во првата половина на 2018 година, објавува новинската агенција „Ројтерс“, пренесува НетПрес.

Според Министерството за финансии, Владата во овој момент се’ уште нема донесено одлука за издавање на државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, но има редовна комуникација со меѓународните банки и ги следи движењата на пазарот на капитал.

Инаку, за да издаде ваков инструмент Министерството за финансии може да го стори тоа само со претходно усвојување на одлука на Влада. Во моментов сепак нема таква одлука.

Новата влада на чело со СДСМ за само пет месеци ја задолжи Македонија дури 610 милиони евра. Само пред два дена Македонија се задолжи за нови 71 милион евра во форма на државни хартии од вредност. Последната еврообврзница, пак, Македонија ја издаде во јули 2016 година во вредност од 450 милиони евра со каматна стапка од 5,625 отсто со рок на достасување јули, 2023 година. Кога Владата на Македонија ја издаде Еврообврзницата со вредност од 450 милиони евра тогашната опозиција СДСМ, односно сегашната влада, испрати остри критики кон ВМРО-ДПМНЕ за како што тврдеа прекумерно задолжување.

Во обраќањето што го имаше тогашната опозиција СДСМ на прес изјави:

СДСМ ќе ги искористи сите механизми да спречи непродуктивни трошења.

Понатаму, СДСМ изјави дека со издавањето на еврообврзницата тогашната влада им натоварила долгови на идните генерации и дека тие се против ваквите задолжувања. Кире Наумов од СДСМ при првата најава за издавање на еврообврзницата успеа да го одложи процесот со тоа што испрати писмо до банките, а неговата постапка резултираше со зголемување на каматата за еврообврзницата. Имено, тогашното Министерство за финансии вината за високата камата ја префрли на тогашната опозиција СДСМ.

Кире Наумов ветуваше дека кога ќе дојде  на власт СДСМ целосно ќе ја смени економската политика.

Очигледно е дека новата влада на чело со СДСМ ја презадолжува Македонија и македонските граѓани. Во нивното петмесечно владеење не е отпочнат ниту еден капитален проект, а вкупните задолжувања со се’ испумпаните државни резерви изнесува преку половина милијардаи евра. Според експертите, со оглед на зголемените ризици во економијата, и оттука намалениот економски раст и тенденцијата за негово понатамошно намалување, како што е предвидено од ова задолжување со евро обврзница би било многу скапо.

Инаку прогнозата за македонксиот економски раст од оптимистични 3,5 отсто падна на 0.7 отсто. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) двапати да ја ревидираше стапката на раст. Прво од 3.5 на 3.2 отсто, а потоа од 3.2, на 2.5отсто. Најновата анкета на Народната банка (НБРМ), прогнозираше дека годишниот раст на БДП ќе се движи во интервалот од 0,5 до 0,9 отсто, за 2017 година. Македонија во вториот квартал бележеше -1.8 отсто на Бруто домашнот производ, додека индустриското производсртво беше во пад од 5.3 отсто.

Вкупните задолжувања по основ на Државни хартии од вредност изнесуваат 327.63 милиони евра, кредитите и задолжувања по друг основ се со вредност од 104.85 милиони евра, додека по основ на државни резерви износот е 177 милиони евра. Вредноста на овие износи, собрана, изнесува 610 милиони евра за само 5 месеци од доаѓањето на власт на новата влада. Овие задолжувања се сериозни и темпото на задолжување е прогресивнио, што е крајно загрижувачки потенцираат експертите. Овие пари ќе треба да ги враќаат граѓаните на Република Македонија и нејзините идни генерации.

Новата влада на чело со СДСМ вртоглаво ја задолжува Македонија. Имено, со досегашните задолжувања и трошења на државните резерви кои достигнаа 610 милиони евра за само пет месеци, не се изградија никакви капитални проекти.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека овие пари се трошени во предизборието за купување на гласови, и истовремено потенцираат дека во нивно владеење парите биле трошени за капитални и инфраструктури проекти кои се од круцијално значење на државата.

Според податоците, финансирањето на граѓанските организации, вкупно по сите основи од државниот буџет, е на ниво од четири до пет милиони евра годишно, што е исто колку што дава и фондацијата СОРОС. Според анализите, за стоки и услуги, од 7 август до 27 октомври, годинава, новата Влада потрошила повеќе од 125 милиони евра. Анализите велат дека невладините организации од државниот буџет примиле 10 пати повеќе пари од вкупната вредност на сите префрлени субвенции на приватни претпријатија за споменатиот период.

Дали на новата влада, на чело со СДСМ, и’ се потребни дополнителни средства за да се покријат дупките кои се креирани со непродуктивните трошења и лошото менаџирање на финансиите? Владата на Република Македонија прогресивно ја задолжува земјата како на домашниот така и на странскиот пазар без вложувања во капитални и инфраструктури проекти, а со можноста за издавање на нова евро обврзница задолжувањата стануваат алармантни и ја носат земјата пред финансиски колапс.