Рок Фест одбележува 30 години постоење

На 17 и 18 декември ќе се одржи рок-манифестацијата „Рок Фест“ која годинава одбележува 30 години од своето постоење. Покровител на 30 годишниот јубилеј на манифестацијата “Рок Фест”, е Министерството за култура на Република Македонија.

„Рок Фест“ е најстарата организирана рок-манифестација во Македонија, низ која продефилирале над 1000 рок-дружини од земјава. Востановен е во далечната 1981 година, како „Македонски рок фестивал“, односно „Рок Фест“, за подоцна во 1991 година да го промени името во „Поп Рок Фест“. Конечно во 1999 година, повторно да се врати на своето изворно име „Рок Фест“.

Низ оваа манифестација, афирмацијата ја стекнале или барем како отскочна штица ја имале многу групи, што подоцна ќе бидат фактор во македонската музичка продукција. Меѓу нив се и „Автограм“, „Мизар“, „Цилиндер“, „Сарацени“, „Бадмингтонс“, Архангел, „Ласт Експедишн“, „Санаториум“, „Зијан“, „Ареа“ и многу други.

Сите заинтересирани групи може да се пријават на следниот email: rockfest.mk@gmail.com

Апликацијата за пријава треба да содржи: име на групата, град од кој потекнуваат, број на членови, име и презиме на членовите, три песни во MP3-формат, стил на музика, контакт телефон, e-mail, фејсбук профил.