Продолжен рокот за кризна состојба на јужната граница

Рокот за постоење кризна состојба на јужната граница поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија се продолжува до 15-ти јуни 2016-та година.

Со 82 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ Собранието на Република Македонија денес ја прифати предлог – одлуката.

Чавков: Сеуште е голем притисокот на јужната граница

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков образложувајќи ја потребата од продолжување на рокот, рече дека веќе донесената Одлука за прогласување на кризна состојба во траење до 30 дена ги даде резултатите, но дека се соочуваме со ситуација во која причините за прогласување на кризната состојба продолжуваат да постојат.

Притисокот на нашата јужна граница е се уште голем. Информациите кои ги имамаме говорат дека бројот на илегални мигранти кои би ја користеле таканаречената Балканска рута нема да се намали во догледно време. Дополнителен проблем претставува фактот што ЕУ се уште нема усвоено заедничко решение за справување со кризите. Во меѓувреме нема ниту усогласен регионален пристап, а државите од регионот преземаат национални мерки без меѓусебна координација, рече Чавков, пренесе МИА.

Министерот за внатрешни работи додаде дека Владата, надлежните институции и Центарот за управување со кризи продолжуваат да ја следат состојбата на дневно ниво и врз основа на направените анализи се носат соодветни одлуки.

Изготвен план за одговор со три сценарија

Тој посочи дека за справување со зголемениот број мигранти е изготвен и план за одговор со три различни сценарија, а кој од нив ќе се имплементира зависи од развојот на настаните.

Република Македонија има капацитет да ја гарантира безбедноста на своите граѓани, рече чавков додавајќи дека поддршката на пратениците на оваа предложена одлука ќе биде една важна алатка за сите институции кои се справуваат со проблемот.

Низ Македонија поминале 300.000 мигранти

Одлуката за кризна состојба на јужната граница беше прогласена на 19-ти август 2015 година во траење од 30 дена.

Според информациите што ги изнесе министерот Чавков преку територијата на Република Македонија од почетокот на годинава транзитирале 300.000 илегални мигранти, а откако е прогласена кризна состојба се регистрирани 35.630 мигранти, но вистинскиот број е многу поголем.