Рокетс израмни на 2-2 во серијата со Вориорс

Кошаркарите на Хјустон Рокетс во четвртиот натпревар од финалето на доигрувањето во Западната конференција во НБА лигата како гости го совладаа Голден Стејт Вариорс со 95:92 и така го израмнија соодносот во победите на 2-2 во серијата до четири триумфи.

Рокетс со оваа победа ја вратија предноста на домашниот терен која ја загубија со поразот во првиот дуел во Хјустон, а покрај тоа ја прекинаа и рекордната серија на Вориорс од 16 последователни домашни победи во доигрувањето.

Кошаркарите од Хјустон до важната победа ги предводеа Џејмс Харден со 30 и Крис Пол со 29 кошеви, додека надмоќта во скоковите ја остварија преку Пи Џеј Такер кој фати 16 топки и Клинт Капела со 13 успешни скокови. Кај Вориор, пак, најефикасни беа Стеф Кари со 28 погодоци и Кевин Дјурант со 27 кошеви и 12 скокови, додека Дејмонд Грин имаше 11 поени, 13 скокови и 8 асистенции.

Четвртиот дуел на актуелниот шампион Вориорс и екипата со најдобар сооднос во лигашкиот дел од сезоната Рокетс обилуваше со пресврти, а на крајот среќата повеќе беше на страната од клубот од Тексас.

Вориорс одлично стартуваа во мечот и по само пет минути водеа со 12:0, и се чинеше дека ќе продолжат онаму каде што застанаа во третиот дуел кој го добија со 126:85. Но во втората четвртина проработи одличниот бековски тандем на Рокетс – Џејмс Харден и Крис Пол и гостите направија целосен пресврт на резултатот во своја полза. Овие втори 12 минути на Рокетс ја добија со 34:18, а 29 од 34-те поени постигнаа токму Харден – 15 и Пол – 14. Гостите особено беа расположени во завршницата на првото полувреме кога со серијата 16:2 заостанувањето од 37:41 го претворија во водство од 53:43.

Следеше фантастичен одговор на шампионите во третата четвртина, во прв ред на Стефен Кари кој со канонада „тројки“ ја одведе својата екипа до предноста од 80:70 во пресврет на последните 12 минути. Кари од 17 од своите 28 кошеви постигна токму во третата четвртина. Но истовремено како профункционира шутот од далечина на Вориорс во третиот дел, така и одеднаш застана во четвртата четвртина во којашто не можеа да погодат ништо од зад линијат за три поени. Рокетс тоа умееја да го искористат и со „тројката“ на Ерик Гордон го поведе со 94:89 на две минути до крајот.

Сепак, средбата остана неизвесен до последната секунда. Драјмонд Грин погоди едно од две слободни фрлања и така намали на 94:92 на 37 секунди пред крајот за Харден во следниот гостински напад да промаши „тројка“ и да им даде на домашните шанса во последните 15 секунди со „двојка“ да израмнат или со „тројка“ да поведат. Одговорноста падна на Клеј Томпсон, но него перфектно го запре Тревор Ариза па топката при шутот од пет метри не стаса ниту до обрачот. Ја фати Пол кого со прекршок го запре Ливингстон на 0,5 секунди пред истекот на времето. Откако Пол погоди едно од две слободни фрлања, Вориорс по тајм-аутот имаа уште едена можност со „тројка“ да израмнат за продолжувања, но очајниот обид на Кари заврши на обрачот.

Петтиот натпревар на овие ривали ќе се игра ноќта во четврток на петокот во Хјустон.

Победникот од оваа серија во големото финале ќе игра против првакот на Источната конференција во којашто соодносот во победите меѓу Бостон Селтикс и Кливленд Кавалирс, исто така, 2-2.