Рокот за откуп не важи ако земјиштето има имотно-правен проблем

Рокот за поднесување барање за приватизација на дворните места по цена од едно евро за метар квадратен завршува денескa. Илјадници граѓани кои сеуште имаат некаков спор за градежното земјиште, оние на кои земјиштето им било дадено на користење или оние кои чекаат на судска одлука, може да поднесат барање за приватизација заедно со фотокопија од лична карта до подрачното одделение на Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии во соодветната општина.

Засега нема точни податоци за тоа колкав е точно бројот на оние што имаат некаков спор за градежното земјиште. Граѓаните пак, на кои земјиштето им било дадено на користење, треба да поседуваат документ дека земјиштето им е дадено на користење.

– Ако имаат документ за користење на земјиштето, заедно со фотокопија од лична карта и образец поднесуваат барање, вели Ивана Билбиловска, портпарол во Министерството за финансии.

Од Министерството за финансии информираат дека за земјиштата за кои во моментов се води судски процес, граѓаните може да поднесат барање само со фотокопија од лична карта и образец, а потоа како што ќе се решава процесот,  така и ќе ја комплетираат документацијата за откуп на земјиштето и нема да бидат обврзани да плаќаат закупнина на државата.

Барање за приватизација може да поднесат граѓани или фирми кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа (закон, тапија, судска пресуда, договор за купопродажба, решение за наследство, одлука на надлежен државен орган), по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа заклучно со септември 2001 година, а не се запишани како корисници на земјиштето во  катастарот на недвижности.

Да  го откупат дворното место имаат право и граѓани  кои биле сопственици на земјиштето на денот кога земјиштето е национализирано, граѓани на кои им е пренесено правото на користење на градежното неизградено земјиште во периодот до 15 февруари 1968 година, наследници на поранешните сопственици, граѓани кои правото на користење на земјиштето го стекнале врз основа на договор за дар, договор за доживотна издршка и договор за располагање со имот за време на живот, кои договори се склучени меѓу поранешниот сопственик и неговите законски наследници.

Барање може да поднесат и поранешните сопственици на градежното земјиште и физичките и правните лица кои за стекнатото право на користење платиле надоместок, а кои со важечките акти за урбанистичко планирање е наменето за добро во општа употреба, а намената во моментот на одлучувањето не е реализирана, како и физички и правни лица корисници на градежно изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории.

Агенцијата за катастар на недвижности во период од најмногу една година, по истекот на рокот за поднесување барања за приватизација, ќе ги избрише сите кориснички права кои се евидентирани на градежното земјиште и истовремено ќе ги прибележи поднесените барања за приватизација, за кои одделенијата на Управата за имотно правни работи ќе ја продолжат постапката за приватизација на земјиштето.

Сите физички и правни лица кои немаат поднесено барање за приватизација, а нема да поднесат ниту до 15 декември годинава, ќе бидат обврзани да плаќаат закупнина за земјиштето на кое до наведениот рок биле евидентирани како корисници, односно го користеле земјиштето по основ на објект изграден врз него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.