Ролати од телешко месо во сос

Ова познато италијанско јадење сигурно нема да ве остави рамнодушни.

Потребни состојки за ова јaдење:

-800 гр телешки рамстек
-100 гр пршута
-4 рамни лажици лебни трошки
-4 полни лажици рендан пармезан
-1 китка магдонос
-50 гр пињоли (семки од бор), кратко истостирани
-2 лажичиња суво грозје
-1 главица кромид
-1 помал морков
-1 стапче целер
-1 чешне лук
-1 чаша црвено вино
-1 конзерва (400 гр) сецкани домати
-1 лажиче шеќер
-2 лажици сецкан свеж босилек

Начин на подготовка:

Месото исчукајте го до дебелина од околу 5 мм и исечете го на 4 правоаголници. На секое парче месо ставете пршута така да го покрие целото месо.

Одозгора посипете прво со лебни трошки, потоа со пармезан, па со ситно сецкан магдонос, пињоли и суво грозје. Сега секое парче месо замотајте го како ролат. Ролатите од месо заврзете ги со кујнски конец или прицврстете ги со чепкалки за заби за да не ви се отворат додека ги пржите. На загреана подлабока тава сипете 2 лажици маслиново масло и ставете ги да се пржат ролатите од месо.

Пржете ги од сите страни додека не добијат златно-кафена боја. Готовите парчиња месо извадете ги од тавата, а на истото масло пропржете ги околу 5 минути ситно сецканите кромид, морков, целер, лук и дршките магдонос. Во тавата додадете го виното и вратете ги ролатите од месо. Динстајте додека не ви се преполови количината вино во тавата.

Сега додадете ги сецканите домати од конзерва, 1 чаша топла вода, сол, бибер, сецкан босилек, поклопете ја тавата. Оставете јадењето да се крчка на тивко околу 3 часа.

На секој половина час превртете ги парчињата месо и по потреба досипете топла вода.

Послужување: Извадете го конецот од ролатите месо, пресечете ги на половина, посипете ги со сецкан свеж босилек и сервирајте ги над палента или сварени тестенини, кои сте ги прелиле со сос од домати.