Рома избегна дебакл на „Енфилд“

Фудбалерите на Ливерпул извојуваа восока победа од 5:2 над Рома во вторникот вечерта на својот стадион во првиот натпревар од првиот полуфинален дуел во Лигата на шампионите, но откако во 70 минута имаа водство од 5:0 ѝ дозволија на „Волчицата“ со двата гола во последните десет минути да избегне резултатска катастрофа и да задржи какви-такви шанси за реваншот на римски „Олимпико“ на 2-ри мај.

Ливерпул по воведените дваесетина минути кога се чинеше дека гостите од Рим го нашле клучот како да се спротистават на четата на Јирген Клоп кога Коларов го погоди дирекот, одигра фуриозни педесетина минути во кои покрај петте погодоци, не реализираше најмалку четири чисти шанси а еднаш ја погодија и пречката на противничкиот гол.

Играч на натпреварот беше египетскиот напаѓач Мохамед Салах, кој ова лето во Ливерпул дојде токму од Рома, кој постигна два гола, во 36 и во 45 минута, а асистираше за уште два. Одлична партија пружи и Бразилецот Фирмиљо, кој исто така постигна два погодока, во 62 и 69 минута а впиша и две асистенции. Меѓу стрелиците се запиша и Сенегалецот Садио Мане, во 56 минута, откако во првото полувреме во период од петнаесетина минути имаше три чисти шанси кои ги промаши. Во завршницата Рома го ублажи поразот со головите на Един Џеко во 83 и на Диего Пероти во 85 минута од пенал.

Салах оваа сезона во вкупно 47 официјални натпревари во сите конкуренции досега постигна 43 голови и го брка клупскиот рекорд . Од нив 10 голови постигна во 11-те настапи во Лигата на шампионите, со што се нареди рамо до рамо до најголемите фудбалски имиња последниве неколку децении. Фасцинантен е и податокот дека како играч на Ливерпул беше стрелец во петтиот последователен натпревар во Лигата на шампионите, а досега во историјата на клубот тоа му успева единствено на долгогодишниот капите Стивен Џерард.

Рома подобро го отвори мечот и беа поамбициозни и поконкретни и во 18 минута по корнер една одбиена топка дојде до Коларов кој од 25 метри ја затресе стативата. Но играчите на Ливерпул по 20 минута влегоа во вистински ритам и до крајот на првиот дел на теренот имаше само една екипа. Во 29 минута Мане сам излезе пред Алисон, но го префрли голот, а минута подоцна сенегалскиот напаѓач исто така катастрофално лошо реагираше на повратна топка. Во 36 минута Ливерпул поведе откако Фирмињо го проигра Салах а овој со прекрасен удар со лева нога го погоди спротивниот горен агол од голот на Рома. Во 39 минута Дејан Ловрен во шеснаесетникот ја надвиси гостинската одбрана, но неговиот удар со глава заврши во пречката. Во последните минути од првиот дел Фирмињо и Салах повторно луцидно ја изиграа одбраната на Рома, Бразилецот одлучно го проигра Египќанецот кој излезе сам пред Алисон и во голем манир го префрли.

Во второто полувреме Рома влезе поагресивно, свесна дека мора да постигне гостински гол и истовремено да ги запре налетите на разгоропадениот Ливерпул. Римјаните го зема поседот на топката што му остави многу простор на домаќинот за неговите брзи противнапади. Тоа и се случи во 56 минута кога италијанскиот тим ја загуби топката, Салах се спушти по крилната позиција и со повратна топка го проигра Мане кој не можеше да ја прокоцка и оваа шанса. Во 61 минута следеше речиси идентичен контранапад, Салах остана сами на десната страна, додаде до Фирмињо кој поентира за 4:0. Потопот на Рома продолжи во 69 минута кога Фирмињо по нафрлање од корнер со глава погоди за 5:0. Неколку минути потоа Клоп го повлече од игра Салах, што може да има оправдување но се чини дека тоа го стори прерано. Имено во последните десет минути „Волчицата“ преку Џеко и Пероти постигна два гола и го намали резултатот на „подносливи“ 2:5. Во 82 минута Наинголан упати долга топка во шеснасетникот на домашните, Ловрен киксираше како и неколку пати претходно оваа сезона во слични ситуации, погрешно го процени летот на топката, која дојде до Џекој кој со силен удар од близина го совлада Кариус. Три минути подоцна судијопската Брих досуди пенал откако топката го погоди во раката паднатиот Милнер на патот до голот, а реализираше Пероти.

За Ливерпул ова е десеттото полуфинале во елитното европско натпреварување, а до сега седум пати стасале до финалето и пет пати успеале да се качат на победничкиот пиедестал. Последен пат тоа беше во 2005 година. За Рома ова е само второ полуфинале во нејзината историја. Првиот пат мина но потоа во финалето од 1984 година беше поразена токму од Ливерпул на нејзиниот „Олимпико“.

Во вториот полуфинален дуел во средата се среќаваат Баерн и Реал. Првиот меч се игра во Минхен, а реваншот на1-ви мај во Мадрид. Финалето ќе се одигра на 26-ти мај на „Олимпискиот стадион“ во Киев.