Рома извлече реми против Барселона, Адеми и Динамо славеа против големиот Арсенал

Натпреварот кој привлече најмногу внимание е гостувањето на актуелниот шампион Барселона во Рим, каде одигра нерешено против Рома.

Каталонците беа тие кои го диктираа темпото во текот на целиот меч, иако “римјаните” многу често се закануваа, особено преку брзоногиот Мохамед Салах. Египетскиот репрезентативец неколкупати ја стави на тест одбраната на Барса, која со крајни маки успеваше да се справи со него.

Инаку Барселона поведоа во 21-та минута, кога Иван Ракитиќ испрати краток центаршут до Луис Суарез, кој пак од непосредна близина ја заби топката во голот на Војчек Шчесни. Сепак, радоста кај гостите не траеше долго, бидејќи во 31-та минута Алесандро Флоренци постигна вистински еврогол од 50-тина метри, искористувајќи го моментот што голамнот Тер Штеген беше далеку од својот гол.

Во вториот дел Барселона се обиде да притисне посилно, имаше и неколку одлични шанси, најчесто преку Лионел Меси, но сепак резултатот остана непроменет, 1:1.

На останатите натпревари, вреден за одбележување е триумфот на Динамо Загреб, тимот во кој настапува македонскиот репрезентативец Аријан Адеми. Шампионот на Хрватска славеше против Арсенал, што всушност беше и најголемо изненадување во првото коло од ЛШ.

Најпрво Алекс Окслејд-Чембрлен си постигна автогол во 24-та минута, а лошото прво полувреме го заокружи Оливие Жиру, кој заработи црвен картон. Во вториот дел, Жуниор Фернандес го донесе Динамо во водство од 2:0, а до крајот на натпреварот, Тео Волкот успеа само да намали на 2:1.

Резултати на натпреварите од 1.коло од ЛШ во групите од Е, Ф, Г и Х.

Група Е: Баер Леверкузен – БАТЕ Борисов 4:1, Рома – Барселона 1:1.

Група Ф: Динамо Загреб – Арсенал 2:1, Олимпијакос – Баерн Минхен 0:3.

Група Г
: Челзи – Макаби 4:0, Динамо Киев – Порто 2:2.

Група Х: Гент – Олимпик Лион 1:1, Валенсија – Зенит 2:3.

Денеска на европската сцена започнуваат натпреварите од групната фаза во Лигата на Европа.