Рома сензационално ја елиминираше бледата Барса, Ливерпул го потврди триумфот над Сити

Фудбалерите на Рома сензационално ја елиминираат Барселона и се пласираа во полуфиналето од Лигата на шампионите откако во реваншот во Рим со 3:0 ги совладаа Каталонците со што го анулираа заостанувањето од првиот дуел од 1:4, додека во Манчестер, Ливерпул славеше уште еднаш над Сити (1:2) потврдувајќи го својот триумф од првиот меч од 3:0.

Головите за Рома ги постигнаа Един Џеко во 6, Даниеле де Роси во 58 минута од пенал, и Костантинос Манола во 82 минута, користејќи ја несфатливата пасивност на последните играчи од одбраната на Барселона, којашто дури во финишот на мечот се закани по голот на домашните.

Рома ја направи една од најголемите сензации во историјата на Лигата на шампионите, се чини еднаква на минатогодишната на Барселона кога го надомести заостанувањето од 0:4 на првиот меч против ПСЖ. Римската „Волчица“ потполно заслужено се пласираше меѓу четирите најдобри екипи во Европа одигрувајќи го својот најдобар меч сезонава во сите натпреварувања, наспроти Барса која го одигра убедливо најслабиот натпревар со години наназад.

Очигледно е дека Ернесто Велверде, како и мнозинството, во денешниот дуел влезе сметајќи дека резултатот од првиот дуел е недостижен. Но јунак на мечот беше Џеко кој постигна ран гол и изнуди пенал, а интересно е што стрелци на другите два гола беа Де Роси и Манолас, играчите кои на првиот дуел во Барселона постигнаа автоголови.

Џеко во шестата минута влезе крај заспаните Алба и Умтити кои не реагираа на долгата топка од Де Роси и лесно го совлада немоќниот Тер Штеген. Дека Рома е решена да направи сензација, а Барселона е непрепознатлива, покажаа и следните минути, кога новиот играч во првиот тим на римјаните Чехот Шик во 29 минута лесно можеше да зголеми на 2:0, но неговиот удар со глава мина на сантиметри од стативата. Џеко и во 37 минута дојде пред Тер Штеген но овој тогаш успешно интервенираше и го одбрани неговиот удар со глава.

Во 58 минута Рома веќе ја најави сензацијата, откако повторно гостинската одбрана дозволи топката без никакви пречки да дојде до Џеко во шеснаесетникот каде што го собори Пике, а од белата точка реализираше Де Роси. Истиот играч во 69 минута беше непрецизен, а во 77 минута Тер Штеген го одбрани ударот на штотуку влезениот Ел Шарави. Корнерите се дамнешна болка на Барселона, а во 82 минута Флоренци го изведе кобниот за гостите вечерва, кога на топката која одеше во празно натрча Манолас и ја уфрли во гостинската мрежа.

Дури во 86 минута Меси направи еден од своите познати слаломи низ домашната одбрана, но неговиот удар беше блокиран. Барса направи уште неколку полушанси, а во судиското продолжение Дембеле од речиси 50 метри се обиде да го погоди противничкиот празен гол, но топката мина малку над пречката.

Во Манчестер, пак, се очекуваше интересен дуел но со очекување Сити барем да биде близу да ја поништи предноста од три гола од првиот меч во полза на Ливерпул. И почетокот на дуелот го навести тоа, бидејќи веќе во 2 минута стоперот на „Редстите“ Виргил фан Дијк згреши на својата половина, топката дојде до Рахим Стерлинг кој во фор го исфрли Габриел Жезус кој реализираше. Но и покрај рано примениот погодок, фудбалерите на Ливерпул останаа самоуверени. Сити ја имаше доминацијата, но дури во 41 минута преку Бернардо Силва кој ја погоди стативата од шеснаесетина метри, успеа поконкретно да го загрози голот на гостите. Една минута се случи спорната ситуација, којашто можеби и го одреди натамошниот тек на мечот, кога беше поништен голот на Лерој Сане. Остана нејасно зошто беше досуден офсајд, откако гостинскиот голман ја избоксува топката којашто од негов соиграч се одби до Сане кој поентираше. Во 45 минута Ливерпул ја создаде првата шанса, но Алекс Оклсејд-Чембрлејн отиде многу накосо по десната страна и беше непрецизен.

По излегувањето на теренот по полувремето, Пеп Гвардиола жестоко реагираше кај судијата, Шпанецот Антонио Матеу Лахоз, поради поништениот погодок, па беше исклучен и испратен на трибините. Надежите за пласман во полуфиналето на „Граѓаните“ ги потопи Мохамед Салах во 56 минута, откако целата работа ја заврши Садио Мане, а на голгетерот на Ливерпул му преостана само да ја спроведе топката во мрежата. Во 77 минута стоперот на домашните Отаменди просто му ја подари топката на Роберто Фирмињо кој рутински постигна погодок и за голем успех на Ливепрул.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.