Рома славеше, но Ливерпул оди во финалето на ЛШ

Фудбалерите на Рома во средата вечерта на својот „Олимпико“ ја прекинаа низата на Ливерпул без порази, откако во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите славеа со 4:2, но натаму оди англискиот клуб поради домашната победа пред една седмица од 5:2.

Иако резултатот сугерира на голема неизвесност околу крајниот победник од полуфиналниот двомеч, Рома како и во Ливерпул и овојпат дури во финишот од натпреварот успеа да направи целосен пресврт на резултатот и да ги подгрее надежите на нејзините најоптимистични приврзаници. Стрелци за „Волчицата“ беа Џејмс Милнер, кој си постигна автогол во 15 минута, Един Џеко во 53 и Раџа Нанголан во 86 и од пенал во првата минута од триминутното судиско продолжение. Ливерпул првпат во водство го доведе Садио Мане уште во 9 минута, а потоа и Георгинио Вијналдум во 25 минута.

Така Ливерпул во финалето на 26-ти мај на „Олимпискиот стадион“ во Киев ќе се соочи со Реал Мадрид кои во другото полуфинале по двата меча беше севкупен победник (2:1 на гости и 2:2 дома) над Баерн Минхен.

Откако во четвртфиналето направи сензација против Барселона со домашните 3:0 по гостинскиот пораз од 1:4, Рома не успеа да направи ново чудо. И овој пат на италијанската екипа ѝ беше потребна победа од три гола разлија, меѓутоа генерален впечаток е дека Ливерпул речиси рутински мина низ Рим иако на прв поглед крајниот резултат тоа не го покажува.

Рома го пречека Ливерпул без примен гол во домашните натпревари во Лигата на шампионите оваа година и охрабрена од фактот дека оваа сезона со по 3:0 на „Олимпико“ ги совлада Челзи и Барселона. Ливерпул, пак, допатува во италијанската престолнина без пораз во елитното натпреварување, со девет победи и четири ремија.

Како што се очекуваше Рома од првиот миг тргна напаѓачки и многу агресивно, додека Ливерпул се определи за противнапади на неговото брзо ударно трио. Првата прилика домашните ја имаа во 5 минута кога Флоренци силно шутираше од 30-ина метри. Но Ливерпул многу брзо поведе по големата грешка на Нанголан, кој ја загуби топката на половината од теренот. Следеше секавична контра која ја поведе Фирмињо, го проигра Мане кој лесно поентираше за 1:0.

Ова беше 9-ти гол за Манево во 10 настапи сезонава во Лигата на шампионите, а за Фирмињо 8 асистенција покрај 10-те голови. Фантастичното трио на Ливепрул – Салах – Мане – Фирмињо оваа сезона во Лигата на шампионите постигна 29 голови со што ги надмина досегашните рекордери Роналдо – Бејл – Бензема кои во сезоната 2013/14 постигна 28 голови за Реал Мадрид.

Надежите за Рома ги вратија гостинските одбранбени играчи Дејан Ловрен и Џејмс Миленр, откако хрватскиот играч наместо да расчисти во главата го погоди соиграчот од кого топката се одби во мрежата на Ливерпул за 1:1. Но само десетина минути потоа Милнер нафрли од корнер, Един Џеко беше највисок во скокот но ја сврти топката кон својот гол каде што ја пречека Вијналдим за ново водство на гостите. Во 35 минута Милнер за малку ќе постигнеше уште еден автогол, откако топката го погоди по силниот шут на Ел Шарави од 20-ина метри но сменувајќи го правецот удри во стативата.

Рома израмни во 52 минута со голот на Џеко кој одбиената топка ја смести зад грбот на Лориус Кариус кој непосредно претходно го одбрани ударот на Ел Шарави. Во 63 минута се чини дека домашните беа оштетени за пенал кога Ел Шарави шутираше откосо во противничкиот шеснаесетник а топката заврши во подигнатата рака на Александер Арнолд, но словенечкиот судија Дамир Скомина и неговите помошници не реагираа. Во 82 минута Наинголан со силен и прецизен шут надвор од шеснаесетникот ѝ донесе водство на Рома, а истиот играч во последните моменти од мечот реализираше пенал откако претходно влезениот во игра Клаван играше со рака. Сепак, за петти гол и можни продолженија немаше доволно време.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.