Романија: Данчила нема намера да поднесе оставка на премиерската должност

Романската премиерка Виорика Данчила изјави во петокот вечерта во интервју за националната телевизија дека дека нема намера да поднесе оставка, по повиците од претседателот Клаус Јоханис.

„Категорично не. Не гледам никакви причини зошто да поднесам оставка, имам поддршка од владејачката коалиција и за овие три месеца, според мое мислење, имав добри резултати“, рече Данчила.

Посочи и де „романскиот претседател нема моќ да го разреши премиерот“.

„Можеби на претседателот не му се допаѓа Виорика Данчила, но мора да има службени односи меѓу Владата и претседателот. Тој треба да размисли и да го преиспита својот пристап“, рече премиерката, потенцирајќи уште еднаш дека ја има поддршката од владејачката коалиција.

Претседателот на Романија, Клаус Јоханис, претходно во петокот побара од премиерката Виорика Данчила да поднесе оставка, оценувајќи дека не е способна да ја води владата.

Според локалните медиуми, Јоханис истакнал дека Данчила „не е дорасната за функцијата романски премиер“, три месеца откако стана првата жена на чело на влада на Романија.

Претседателот смета дека Данчила „повеќе сака да спроведува партиски наредби“ и да ја претставува слабата точка на Романија, наведувајќи дека не информирала за едностраниот предлог на Владата да ја пресели романската амбасада во Ерусалим.

Во Романија, претседателот е надлежен за надворешната политика на земјата и, според неговите надлежности, тој носи конечна одлука за амбасадата. Тој нема овластувања да ја смени Данчила, но се смета дека неговото барање создава притисок врз владата, пишуваат тамошните медиуми.