Романија се прости од поранешниот крал

Илјадници Романци во саботата на улиците на главниот град Букурешт ја испратија погребната поворка на поранешниот крал Михаел, еден од последните државни челници од Втората светска војна.

Кралот Михаел е роден во 1921 година, а со Романија владееше во два наврата, во текот на Втората светска војна, прво беше сојузник на нацистичка Германија а потоа премина на страната на сојузниците, а поради комунистичките власти од 1947 година живееше во егзил. Почина во Швајцарија на 5-ти декември на возраст од 96 години, а од јавниот живот поради тешката болест се повлече во 2016 година.

Во саботата сите цркви во Букурешт со звуците на своите камбани ги испратија поранешниот крал, додека многу тажни граѓани, од кои многумина со солзи во очите, фрлаа бели цветови на погребната поворка извикувајќи „Крал Михаел“ и „Долу комунизмот“.

На последното испраќање присуствуваа и претставници на европските кралски семејства, вклучително и поранешниот шпански крал Хуан Карлос, британскиот принц Чарлс, шведскиот крал Густаф и неговата сопруга Силвија.

Иако враќањето на монархијата во Романија не е сериозно прашање, Михаел уживаше голема почит од Романците, бидејќи го гледаа како остра опозиција на политичката елита која ја поврзуваат со корупција и сиромаштијата на обичните граѓани.

Михаел, потомак на германската династија Хохенцолерн и роднина на британската кралица, во своите рани дваесетти учествуваше во државниот удар од 1944 година со кога беше соборен фашистичкиот челник Јон Антонеску. Романија потоа го прекина сојузот со нацистичка Германија и мина на страната на сојузниците. Историчарите велат дека неговата активност веројатно ја скратиле војната и спасиле илјадници животи.

По падот на комунизмот, политичарите кои стравуваа од неговото влијаени ја спречија неговата посета по децениите егзил во Швајцарија, Велика Британија и САД. Во Романија конечно се врати во 1992 година, а романско државјанство доби во 1997 година.

Со неговата смрт романското кралско семејство веројатно ќе загуби на важноста, бидејќи неговите деца не се присутни во јавноста. Круната ѝ остана на неговата најстара ќерка, принцезата Маргарета.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.