Романскиот амбасадор во Лондон бара да престане оцрнувањето на неговите сонародници

Романскиот амбасадор во Велика Британија повика да се запре со оцрнувањето на неговите сонародници, особено од страна на пратеници од владејачката Конзервативна партија, за продолжување на уште пет години на работните ограничувања за Бугарите и Романците , соопшти британското издание на американскиот информативен сајт „Хафингтон пост“.

На први јануари се укинуваат преодните ограничувања на британскиот пазар на труд за граѓаните на Бугарија и Романија. Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) ги користи стравовите од прилив на имигранти од двете земји, за да ја зголеми својата популарност , забележува „Хафингтон пост“.

Најмалку 73 од вкупно 305 пратеници од Конзервативната партија, поголемиот партнер во владејачката коалиција во Велика Британија, побараа од земјата да ги продолжи еднострано, а со тоа ќе ги прекрши европските договори, работничките рестрикции за Бугарите и Романците до 2019 година. Таквиот предлог е предизвикан, делумно од подемот на УКИП, која заработува позиции за сметка на конзервативците.

Иницијаторот на предлогот, Најџел Милс, напиша во материјал за „Хафингтон пост“ дека британскиот пазар на труд и социјалНИОТ систем не се во позиција да се справАТ со непознатиот број имигранти кој ќе дојде во земјата и дека нема друго решение освен „подвижниот мост да остане кренат“.

Романскиот амбасадор во Велика Британија Јон Џинга сепак одговори во статија, исто објавена на сајтот, дека најверојатно следната година во земјата ќе дојдат помалку Романци, отколку во претходните години.

„Повеќето Романци кои дојдоа во Велика Британија дојдоа за да работат, а не за социјална помош. Ние гарантираме за нашите чесни, здравоспособни лица кои плаќаат даноци и даваат свој придонес за општеството“, напишал амбасадорот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.