Ромпуј: EУ ќе преживее и без Велика Британија, но не и без Франција

Европската унија може да го преживее евентуалното излегување на Велика Британија, но нема да преживее без Франција.

Ова денеска го изјавил претседателот во заминување на Европскиот совет Херман ван Ромпуј. 

Ван Ромпуј, на кого од 1 декември му завршува мандатот, во интервју за лондонски „Дејли мејл“ изјавил дека ЕУ „би била повредена, но ќе преживее“ доколку Велика Британија на референдум во 2017 година одлучи да излезе од унијата.

– Без Франција, ЕУ сепак би била мртва, порачал белгискиот политичар, кој остро го критикува британскиот премиер Дејвид Камерон поради заканите дека ќе се заложи за излез од Унијата доколку на Велика Британија не и биде дозволено да го ограничи бројот на доселеници од други европски земји.

-Слободата на движење е фундаментален принцип и за тоа нема преговори, изјавил Ван Ромпуј, додавајќи дека овој проблем ќе претставува голем предизвик за неговиот наследник, полскиот политичар Доналд Туск.

Лондон најави дека Камерон за неколку дена ќе одржи говор, во кој ќе ги изнесе британските услови за останување во ЕУ.