Роналд Џонсон: Зошто европските лидери се наклонети кон Груевски?

Низ Европа, водечки политичари и бизнис-лидери веруваат во Македонија, а време е и САД да го направат истото. Оваа мала земја, која релативно од неодамна е независна, предолго е игнорирана. Денес, нејзиното влијание расте и таа претставува клучен фактор во европската и светската безбедност, стои во анализата на американскиот аналитичар и пензиониран генерал-мајор Роналд Џонсон, објавена во магазинот „The Daily Caller“. Џонсон е заменик-директор на Канцеларијата за раководење на програми на САД во Ирак.

Изминативе години не беа лесни за Македонија. Таа се бореше со политички застој, разнишана врска со Европската Унија на нејзиниот праг, и се најде во центарот бегалската криза. Во секој случај, резултатите ќе бидат добредојдено олеснување за меѓународната заедница, која ги поздрави силните реформи на Груевски за трансформирање на економијата и неговото водство кон стабилност и подобрена сигурност во регионот.

Фактот што ги преброди бурите и излезе појак е доволен знак за тоа колку оваа земја може да биде издржлива и влијателна.

Па, зошто сега САД треба да се вклучат и зошто многу европски лидери се наклонети кон Груевски?

Постојат две јасни причини: Бизнис и безбедност

Изминатата деценија беше обележана со економски развој на Македонија. Деловните перспективи во државата се најцврсти досега, со најголеми можности во светот. Во последните неколку месеци PWC ја именуваше земјата за најдобра во Источна Европа и Азија за плаќање даноци, KPMG ја рангира меѓу првите нови дестинации според леснотијата за започнување бизнис, а Светска банка ја рангира на 10. место за најдобри локации во светот за водење бизнис.

Ова не помина незабележано. Во Велика Британија, заменик-претседателот на владејачката Конзервативна партија, пратеникот Марк Филдс, неодамна се сретна со Груевски, поздравувајќи го напредокот, и велејќи дека Македонија треба да се гордее со постигнувањата на Владата.

Велика Британија сè уште е еден од главните трговски партнери на Македонија, а Филдс бескомпромисно верува дека неговата влада ќе обезбеди оваа врска да се унапредува во наредните години.

Со силен бизнис и трговија доаѓа и голема стабилност. А улогата на Македонија во регион кој по традиција е нестабилен, е клучна.

Неодамна, владејачката партија на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, имаше изборен митинг во главниот град Скопје, на кој австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц се обрати на толпата. Невообичаено е надворешен политичар да има излагање во изборите на друга земја, но ова се невообичаени времиња.

Во помалку од две години, повеќе од еден милион бегалци побараа транзит низ Австрија, а многу и низ Македонија.

Земјите беа растргнати, а Македонија зазеде јасен став. Таа беше првата земја што воведе вонредна состојба, зајакнувајќи ги границите за да ги запре бегалските рути. Министерот за надворешни работи ѝ се заблагодари на толпата, за работата на Владата: „Без помошта на вашата влада, не ќе можевме да ја затвориме балканската рута. Многу сум благодарен за вашата поддршка“, изјави тој.

Австрија не е единствена. Во Германија, баварскиот премиер Хорст Зехорфер исто така ги пофали напорите, критикувајќи ги другите земји за нивната неажурност. „Ние во Германија имавме корист од ова“, изјави тој. „Македонија во основа го направи она што Германија требаше да го стори“. Едмунд Стоибер, водечка фигура во европската и германската политика, ги опиша македонските напори како „успешни во она што другите земји не успеаја да го сторат“.

Во сè поголем број, европските лидери ја препознаваат клучната улога на Македонија во протокот на бегалци, како и протокот на тероризам. Во јуни, македонската полиција уапси 4 мажи кои беа под сомнение дека се бореле за ИСИС. Властите проценуваат дека дури 130 луѓе се бореле или сè уште се борат во исламистичките групи во Сирија и Ирак. Неодамнешните извештаи покажуваат дека 1.000 поединци од Западен Балкан патувале за да ги поддржуваат војските во Сирија и Ирак.