Роналдињо потпиша за Републиканската партија

Републиканската партија на Бразил (БРП) е новиот „тим“ за кој потпиша легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо, кој ќе се кандидира на изборите во октомври за место во Сенатот на Бразил.

Поранешниот фудбалер уште лани најави дека сака да влезе во политиката. Сега тоа се оствари, а заедно со него за „републиканците“ потпиша и неговиот брат Роберто.

-Среќен сум што ќе учествувам во проект со кој ќе ја подобриме нашата земја и ќе донесеме нови модерни времиња, ќе донесеме радост и здравје за сите жители на Бразил“, изјави Роналдињо откако ја потпиша пристапницата на партијата.

И за неговиот брат Роберто е голема чест дека ќе бидат во можност да им помогнат на сограѓаните.

– Пораснавме во скромни условии знаеме што треба да се направи за децата и младите луѓе. Со луѓето од партијата разговаравме за иновации и технологија и навистина има многу работи со кои можеме да придонесеме за народот-изјави Роберто.

Роналдињо оди по стапките на уште една фудбалска легенда од Бразил, Ромарио, кој е во политиката уште од 2011 година. Тој во моментот е сенатор од Рио.