Роналдо го нападна судијата кој му подари непостоечки пенал

Најголемата ѕвезда во дресот на Реал (М), Кристијано Роналдо, беше најостар во критиките кои по натпреварот против Барселона беа упатени кон главниот арбитар, Ундиано Маленко.

“Ундиано Маленко не е доволно квалитетен судија и не може да ја дели правдата на еден ваков дерби натпревар. Игравме против 12 фудбалери. Секогаш се повторува истата приказна. Имам чиство дека не сакаа Реал (М) да слави на овој натпревар. Сакаа Барселона да остане во трката за шампионската титула. Јас не барам некаков изговор, но не сакам да молчам. Судијата не беше на потребното ниво, не смееше да биде дел од овој натпревар. Тука сум веќе пет сезони и добро знам како функционира шпанската Примера дивизион. Ако загубеше Барса, тогаш ќе испаднеше од трката по шампионскиот пехар. Јас не сум бил сведок на ниту еден натпревар во кој Реал (М) има некаква помош од судиската тројка. Без разлика на тоа што се случи на “Сантијаго Бернабеу”, Реал (М) сигурно ќе ја освои шампионската титула”, изјави Португалецот кој заборави дека истиот тој судија на стартот од второто полувреме му подари удар од белата точка.