Роналдо ја појаснува својата изјава за можното заминување од Реал

Ѕвездата на Реал Мадрид, португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо, изјави дека бил погрешно разбран околу неговата иднина во мадридскиот тим во синоќешната изјава по финалето на Лигата на шампионите, во кое неговиот тим го совлада Ливерпул со 3:1.

„Сега не е време да зборуваме за лични работи, а и моите зборови можеби биле извадени од контекст. Можеби и не требаше да го кажам она што го кажав. Да се ​​освои Лигата на шампионите трипати со ред е нешто прекрасно, посебно и историско“, рече Роналдо во интервју за Fox Sports.

Португалецот по финалниот дуел во Киев предизвика недоимици во фудбалската јавност и шок меѓу навивачите на Реал со изјавата дадена неколку минути по завршувањето на финалето.

„Беше одлично да се игра во Реал Мадрид. По неколку дена ќе кажам нешто, ќе дадам одговор на навивачите, кои секогаш беа со мене“, изјави Роналдо.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, пак, изјави дека Кристијано е среќен на „Сантијаго Бернабеу“ и нема да го напушти тимот.

„Секој има право да зборува, но јас не сакам да се задлабочувам во тоа. Мило ми е што Кристијано има пет трофеи од Лигата на шампионите, бидејќи и јас имам толку. Денес славиме нов европски успех, па едноставно треба да уживаме. Кристијано е среќен и ќе продолжи да се чувствува така. Јас не сум во Киев да зборувам за индивидуални играчи, туку за да славам. Реал има 13 трофеи и ги има најдобрите играчи на секоја позиција“, рече Перез.

Тренерот на „кралскиот“ клуб, Зинедин Зидан исто така одби да коментира зошто Роналдо ги кажал овие зборови, додека Серхио Рамос и Карим Бензема изразија сомнежи дека Португалецот ќе го напушти Мадрид.