Роналдо не игра против Борусија од Дортмунд

Предноста од три гола, која фудбалерите на Реал (М) ја имаат пред стартот на реванш 1/4 финалниот натпревар од Лигата на шампиони, најверојатно ќе се покаже како доволна за да биде елиминиран германскиот бундеслигаш, Борусија Дортмунд.

За разлика од домаќинот, кој има обврска да забележи триумф од најмалку четри гола разлика, гостинот од Мадрид може да си дозволи и минимален пораз и на тој начин да ја исполни зацртаната цел, пласман во полуфиналната рунда од најпрестижното клупско натпреварување.

„Минатата сезона загубивме во финалниот натпревар, а годинава, најверојатно нашата авантура ќе заврши во 1/4 финалната рунда. Сепак, ништо не е готово. Реал (М) е фаворит и кога е во прашање победничкиот пехар во ова натпреварување. Борусија мора да се брани подобро и мора да ги искористи сите шанси пред противничкиот гол. Верувам во моите фудбалери, а да не заборавиме дека Борусија игра најдобро на реванш дуелите од 1/4 финалната рунда во Лигата на шампиони. Најавувам победа на мојот тим”, изјави предводникот на германскиот бундеслигаш Јирген Клоп.

Најголемата ѕвезда во дресот на Реал (М), Кристијано Роналдо се пожали на сериозна бола во коленото за време на последниот тренинг во Германија и неговиот настап е под знак прашалник.